ВИДЕО: Дурент играше, па доби исклучување поради здравствените протоколи!
НБА лигата веќе се етаблираше како една од најдобрите спортски организации кога е во прашање борбата против коронавирусот, но од време на време се појавуваат неверојатни ситуации и во ова натпреварување.
Доцна синоќа бевме сведоци како еден играч мораше да биде отстранет од теренот поради безбедносните протоколи. И тоа не било кој играч, туку една од најголемите НБА ѕвезди, Кевин Дурент.
Дурент одигра нешто повеќе од 19 минути на дуелот помеѓу Торонто и Бруклин, но беше испратен во соблекувалната на почетокот од третата четвртина.
Причината за тоа е што тој беше во контакт со лице кое имаше неуспешен тест на коронавирус и мораше да се повтори.
Кога резултатот стигна и беше позитивен, натпреварот веќе беше започнат, а поради безбедносните протоколи, Кеј Ди не можеше да го продолжи истиот и покрај тоа што во последните 24 часа беше трипати негативно тестиран.
До тој момент имаше осум поени (3-8 од игра), шест скока и пет асистенции, и очекувано не беше задоволен од одлуката дека мора предвреме да го напушти теренот.
Нетс така останаа ослабени, а тоа на крајот го искористи Торонто за победа од 123:117. Во соопштението на НБА се вели дека сега ќе се утврди дали Дурент бил во близок контакт со заразено лице или не.