ВИДЕО: Доларот ги „полуде“ финансиските пазари

Фото Архива

Јакнењето на доларот и зголемените каматни стапки предизвикаа хаос во финансиските пазари.

Финансиските пазари низ светов се соочуваат со големи проблеми.

Во Британија, рекордниот пад на фунтата ги натера Министерството за финансии и Банката на Англија панично да реагираат и да се обидат да ги „смират“ пазарите, пишува британскиот неделник „Економист“.

Јапонската влада беше принудена да интервенира на девизните пазари за да го спречи падот на јенот за првпат од 1998 година.

Централната банка на Кина го соопшти рекордниот пад на јуанот во однос на американскиот долар, неколку дена откако ја зголеми задолжителната резерва за тргување со девизи, во обид да го ограничи одливот на валутите.

Во центарот на сето ова е растот на американскиот долар и глобалните каматни стапки.

Како што пишува „Блумберг“, вредноста на доларот се искачи на рекордно ниво откако Белата куќа реши да ги намали шансите за слабеење на валутата, во време кога останатите моќни валути продолжија да „тонат“, а приносот на државниот трезор го допре највисокото ниво од 2008 година.

Најголемите светски пазари се соочуваат со посебни предизвици. Новата британска влада планира да воведе најголеми даночни намалувања во поновата историја на земјата. Јапонија се обидува да ги задржи каматните стапки на најниско ниво, а Кина се бори со последиците од нејзината „нула-ковид“ политика.

Но, овие пазари имаат и заеднички проблеми. Повеќето светски валути значително ослабеа во однос на доларот. Вредноста на доларот во однос на останатите богати светски валути се искачи за 18% оваа година, достигнувајќи го највисокото ниво во последните две децении. Постојаната инфлација во САД и истовременото заострување на монетарната политика ги прават глобалните пазари нестабилни.

Очекувањата за глобалниот раст брзо се намалуваат. Во новите прогнози објавени од страна на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) на 26 септември, се очекува глобалниот БДП да се зголеми за само 3% оваа година, што претставува пад од оние 4,5 % кои ги прогнозираа минатиот декември.

За 2023 година, ОЕЦД очекува раст од само 2,2 %. Како последица на ова, цените на суровините паѓаат. Цената на суровата нафта Брент се врати на околу 85 долари за барел, што е најниско ниво од средината на јануари. Цените на бакарот на Лондонската берза на 26 септември паднаа на најниско ниво во последните два месеци.

Забавувањето на светската економија можеби нема да значи бавен пад на доларот, смета „Економист“. Инвеститорите продолжуваат да вложуваат во „најбезбедната“ валута, што значи дека во време кога останатите светски валути се во пад, доларот расте. За земјите и компаниите низ светот тоа е застрашувачка перспектива.

Курсна листа на НБРСМ: Колку чини еврото денес?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот