ВИДЕО: Данецот Хенеберг го водеше Еурофарм Пелистер до победа над Мотор Запорожје

Себастиан Хенеберг постигна 14 голови во триумфот на Еурофарм Пелистер/фото: instagram.com/rkeurofarmpelister

Во рамките од четвртото коло во ЕХФ Европската лига составот на Еурофарм Пелистер со 30:33 го совлада Мотор Запорожје. Овој натпревар поради руската агресија врз Украина се играше во германскиот град Диселдорф и во кој славеше македонскиот вицешампион.

Данскиот интернационалец Себастиан Хенеберг блескаше во редовите на Еурофарм Пелистер со 14 голови, а четири запиша Црногорецот Мирко Радовиќ.

На спротивната страна седум погодоци имаше Ихор Турченко, а пет беа дело на Дмитро Хориха.

За играчите на тренерот Ларс Валтер ова е втора победа во групата „Д“ во која денеска се одигра уште една средба, Скандерборг Архус дома со 38:27 убедливо славеше над Бидасоа Ирун. Од 20.45 часот ќе се комплетира колото со натпреварот Фуксе Берлин – Агуас Санташ.

На табелата води Скандерборг Архус со осум бодови, пред Фуксе Берлин кој има шест, по четири Бидасоа Ирун и Еурофарм Пелистер, а ниту еден Агуас Санташ и Мотор Запорожје. Во следното коло Еурофарм Пелистер на 6 декември ќе гостува во Шпанија кај Бидасоа Ирун.

На видео записот можете да погледнете и еден прекрасен гол на Еурофарм Пелистер на денешниот меч, нашиот репрезентативец Марио Танкоски асистираше до Хенеберг за фантастичен „цепелин“.

Видео на денот