Сателитска снимка од ураганот Мелиса/Фото: AFP / Profimedia

ВИДЕО | Бурата Мелиса станува ураган, по Хаити ѝ се заканува и на Јамајка

Тропската бура Мелиса, која веќе одзеде најмалку четири животи, сите на карипскиот остров Хиспаниола, стана ураган во саботата и се очекува дополнително да се зајакне додека се движи кон Јамајка, според новата прогноза од Националниот центар за урагани на САД (НХЦ), пренесува Ен-би-си.

„Мелиса стана ураган“ со ветрови „до 120 километри на час“, соопшти NHC преку Икс.

Предупреди дека феноменот веројатно ќе покаже „брзо“ зајакнување и ќе стане „голем ураган“ денес.

Екстремниот феномен одзеде животи на три лица на Хаити и уште еден во соседната Доминиканска Република, каде што еден тинејџер е прогласен за исчезнат, според властите во двете земји.

„Водата поплави повеќе од половина од куќата“, рече Анџелита Франциско, 66-годишна домаќинка која живее во Санто Доминго, главниот град на Доминиканската Република. „Се чувствувавме немоќни, ништо не можевме да направиме, освен да си заминеме, да оставиме сè зад себе“, додаде таа низ плач.

Девет од 31 провинција во земјата прогласија црвена тревога поради ризик од ненадејни поплави и лизгање на земјиштето.

Мелиса се движи во правец на Јамајка. Се очекува прво да го погоди островот, пред да се движи на север и да се закани на Куба.

НХЦ предвидува силни ветрови, обилни дождови, ненадејни поплави и лизгање на земјиштето во Јамајка и Хаити.

Населението на југозападниот дел на Хаити треба „веднаш да ги започне потребните подготовки за да ги заштити своите животи и средства за живот“, предупреди центарот, истакнувајќи дека циклонот може „да предизвика голема штета на инфраструктурата и потенцијално да ги изолира заедниците подолг период“.

Јамајканскиот премиер Ендру Холнес во петокот ги повика жителите на областите изложени на ризик од поплави постојано да ги следат предупредувачките билтени и да бидат подготвени брзо да ги напуштат своите домови.

Дождовите предизвикани од Мелиса веќе ги поплавија улиците во главниот град Кингстон, според визуелниот материјал емитуван од јамајканските медиуми.

Мелиса беше 13-та тропска бура во атлантската сезона (од почетокот на јуни до крајот на ноември).

Претходниот голем циклон што ја погоди Јамајка беше Берил, на почетокот на јули 2024 година. Неочекувано силен за тој месец од сезоната, остави најмалку четири мртви на островот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот