ВИДЕО: Бугарската опозиција бара гласање недоверба во Владата
Коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП–ДБ) в петок ќе поднесе барање за гласање недоверба во Владата на премиерот Росен Жељазков, соопшти во видеопорака на „Фејсбук“ лидерот на коалицијата, Асен Василев.
Препорачано
– Следната недела, за време на дебатите, ќе има уште поголем протест. Сакам да им се заблагодарам на сите што излегоа на историскиот голем протест на 1 декември. За тоа што останаа мирни, за тоа што јасно кажаа што сакаме, а тоа е Борисов и Пеевски да престанат да крадат од бугарскиот народ и да ја крадат иднината на нашите деца – посочи тој.
Според неговите зборови, овие луѓе „јасно одлучија да ја разнесат државата“.
– Пред некое време, Росен Жељазков објави дека нема да поднесе оставка. Ние ќе им помогнеме! В петок ќе поднесеме барање за гласање за недоверба, а следната недела, кога ќе се дискутира за гласањето за недоверба, ќе има уште поголем протест, на кој јасно ќе им кажеме „Доста“, „Доста“ и „Дајте ѝ шанса на иднината на Бугарија – рече Асен Василев.
Инаку, бугарскиот претседател Румен Радев повика на предвремени избори по вчерашните протести во земјата, на кои граѓаните излегоа на улиците против најавените зголемувања на даноците со новиот Буџет за 2026 година.
Тој повика на смирување на ситуацијата и нагласи дека насилството мора да престане.


