ВИДЕО: Братот на бившата ѕвезда на Денвер, кого го чека затвор, си најде нов клуб
Кошаркарот Џонтеј Портер, кој во 2024 година доби доживотна суспензија од НБА лигата поради скандал со обложување и во моментов чека изрекува на затворска казна, пронајде нов ангажман. Откако му беше одбиена дозволата за настап во Грција, 26-годишниот Портер потпиша договор со Сиетл Супер хокс, тим што ќе настапува во американската лига позната како „Обединета кошаркарска лига на САД“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во јули 2024 година, на сојузен суд во Бруклин, Портер призна вина за здружување со цел извршување интернет измама. Поранешниот член на Торонто и Мемфис беше пуштен да се брани од слобода со кауција од 250 илјади долари, но му беше одземен пасошот за да не може да ги напушти Соединетите Американски Држави. Иако му се заканува максимална казна до 20 години затвор, се очекува пресудата да биде меѓу три и четири години.
Крилниот центар висок 208 сантиметри е обвинет дека во договор со обложувачи го наместил сопствениот учинок на два натпревара на Торонто во сезоната 2023/24, со цел да се оствари добивка. Скандалот кулминираше по дуелот меѓу Торонто и Сакраменто на 20 март, кога Портер ја напушти играта по само две минути и 43 секунди, повикувајќи се на наводна повреда. Теренот го напушти со два скока и без поени.
Истражителите забележале сомнително голем број уплати на обложување дека Портер нема да ги достигне поставените статистички граници од 7,5 поени и 5,5 скока. Подоцна беше откриено дека еден негов близок уплатил 80 илјади долари токму на таков исход, со потенцијална добивка од 1,1 милион долари.
Внатрешната истрага на лигата утврди дека Портер, инаку брат на поранешниот кошаркар на Денвер Мајкл Портер Џуниор кој сега го носи дресот на Бруклин, намерно го ограничил своето учество за да влијае врз исходот на обложувањата. Во официјалното соопштение беше наведено дека тој „оддавал доверливи информации на обложувачи, го намалувал сопственото учество на еден или повеќе натпревари и се обложувал на натпревари од лигата“.
Инаку, Обединетата кошаркарска лига на САД, професионална организација позната и како „Лига на можноста“, оваа година официјално се враќа на сцената. Основана во 1985 година, лигата брзо стекна национална репутација како пролетно професионално натпреварување што им помогна на многу кошаркари да ги започнат или продолжат своите кариери.


