ВИДЕО: Ако побара НАТО, ќе испратиме македонски војници, вели Славјанка Петровска
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во изјава за ТВ24 рече дека се придружуваме на солидарноста на земјите-членки на НАТО и на ЕУ за директна и практична помош на Украина. Таа помош, информира Петровска, е исклучиво на барање на украинските власти.
Министерката вели дека во моментов нема одлука за мобилизација на припадници на нашата армија и нивно испраќање во Украина.
„Таква одлука сѐ уште немаме донесено. Согласно механизмите на НАТО, дополнително доколку биде побарано од нас, ќе пратиме сили, до овој момент таква одлука не е донесена. Јавноста ќе биде информирана доколку донесеме таква одлука“, рече Петровска.
Во однос на наредбата на рускиот претседател Владимир Путин да се стават во борбена готовност нуклеарните сили на Русија, Петровска рече дека таа изјава се разгледува во рамки на структурите на НАТО.
„Таа изјава се зема и се разгледува во рамки на НАТО структурите, но она што треба да се потсетиме е дека ние сме земја членка на НАТО и без разлика на нашите капацитети сме дел од големата Алијанса, така што директно не сме загорoзени во тој дел и сме дел до колективниот систем за одбрана. НАТО таквите изјави ги следи и дава насоки за понатамошно постапување, сето тоа што се случува со санкциите и помошта кон Украина е во рамките на таа политика на НАТО Алијансата“, информира Петровска.
Петровска подоцна појасни дека во изјавата не мислела на испраќање македонски војници во Украина, туку во земји-членки на НАТО на источната граница на Алијансата.