Фото: Инстаграм/Весна Петрушевска-Бејби

Весна Петрушевка поведе петиција за заштита на децата од штетното влијание на социјалните мрежи

Актерка Весна Петрушевска поведе јавна иницијатива за собирање 10.000 потписи преку платформата Change.org, со цел да се заштитат децата од штетните влијанија на социјалните мрежи. Во својот статус на Фејсбук, Петрушевска вели дека не бара финансиска поддршка, туку исклучиво граѓанска ангажираност преку потпис.

Таа појаснува дека опцијата за донација на платформата е стандардна и не е поврзана со нејзината иницијатива, апелирајќи фокусот да остане на заштита на најмладите.

Петрушевска ја кажа и личната мотивација зад иницијативата, споменувајќи ја својата ќерка Мина, но и трагични настани кои ја потресоа јавноста, како случајот „Рибникар“.

„Не е случаен датумот. 3 мај, Мина, 3 години ’Рибникар‘. Потпишете се за сите наши деца. Сè почнува од некаде, мене ми требаат 10.000 потписи за нашите деца, црвено светло за сите политички партии. Кликнете на линкот и оставете ваш глас. Оваа платформа и инаку совршена за вакви иницијативи. Ако ова не можеме тогаш навистина ќе ми се потврди дека сте херои само на тастатура. Има една мала забуна, само ако сакате да донирате, тоа вообичаено прават за хумана акција. Јас не барам и не примам пари. Барам само ваша поддршка и потпис. Да расчистиме“, напиша Весна Бејби.

Весна Петрушевска Петиција – Фото: Инстаграм/ВеснаПетрушевска

Иницијативата доаѓа во време кога повеќе држави воведуваат построги регулативи за користење на социјални мрежи од страна на малолетници. Австралија во ноември 2024 година усвои закон со кој целосно се забранува користење на социјални мрежи за лица под 16 години, без можност за родителска дозвола, а платформите се соочуваат со високи казни доколку не ја спроведат оваа мерка.

Во Франција, пак, е воведен концептот на „дигитално полнолетство“, со кој се бара верификација на возраста и родителска согласност за корисници под 15 години, како и забрана за користење мобилни телефони во училиштата со цел спречување на сајбер-булинг.

Слични иницијативи постојат и во Данска, каде владата предлага зголемување на старосната граница за согласност за обработка на податоци, како и ревизија на алгоритмите кои таргетираат деца. Во САД, одредени сојузни држави како Флорида и Јута веќе воведоа ограничувања за користење на социјални мрежи кај малолетници, вклучително и задолжителна родителска согласност и временски рестрикции.

Петрушевска смета дека овие примери покажуваат дека глобално се препознава потребата од поголема заштита на децата во дигиталниот простор, и дека слични чекори треба да се разгледаат и во Македонија. Таа повикува на заедничка одговорност и активно учество од страна на граѓаните, истакнувајќи дека промените започнуваат со јасен и масовен став.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот