Вечерва „Онлајн Евровизија“ ќе ги сплоти љубителите на добрата песна

Поради прогласувањето на пандемијата од опасноста од ширење на коронавирусот, откажани беа голем број музички настани во светот, меѓу кои и овогодишниот Избор за песна на Евровизија.

Сепак, токму на денот кога требаше да се одржи, организаторите на настанот на својата верна публика ќе ѝ овозможат двочасовно музичко задоволство, во кое претставниците на земјите што требаше да настапат на големата сцена, ќе пеат за своите фанови, но од своите домови.

Имено, денес во 21 часот, што претходно беше потврден термин за одржување на евровизиското финале, ќе се одржи ново алтернативно шоу насловено како „Eurovision: Europe Shine a Light“ и ќе се пренесува на МТВ.

Специјалното телевизиско шоу нема да има натпреварувачки карактер, но ќе им оддаде значајно признание на сите песни и учесници од 41 земја, колку што требаше да учествуваат на годинашната Евровизија.

Веќе селектираните песни ќе бидат емитувани во фрагменти од 30 секунди, учесниците ќе бидат претставени низ кратки видеоразгледници, а ќе ги слушнеме и нивните пораки упатени до милионскиот аудиториум во Европа и во светот.

Настанот го организираат Европската радиодифузна унија и нејзините партнери од Холандија, НПО, НОС и АВРОТРОС.Нашиот претставник Васил Гарванлиев ќе настапи со неговата евровизиска нумера насловена „You“.

Инаку, Васил неодамна од својата родна Струмица, односно од познатиот струмички Баир, од каде што се гледа градот како на дланка, и преку Јутјуб-каналот на Изборот за песна на Евровизија имаше свој настап, кога ги интерпретираше своите топ три евровизиски песни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот