Васоски го напушти ФК Вардар: Се нема слух и стратегија, не можам повеќе да го носам теретот на таквото функционирање

фото: Кочо Сотировски/ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар по две години се врати во Првата македонска лига, но резултатите не се најдобри и моментно е на последното 12 место со 17 бодови.

Скопските „црвено-црни“ триумфираа на последниот натпревар од есенскиот дел над Тиквеш со 2:0, и главната цел за вториот дел од сезоната ќе биде обезбедување опстанок во елитата.

Но, на тој пат нема да биде и Александар Васоски кој преку социјалните мрежи ја информираше јавноста дека повеќе не е тренер на клубот.

Нашиот поранешен репрезентативец е незадоволен што се нема слух и стратегија за доброто на ФК Вардар од кој засега нема потврда за разделбата.

Почитувани спортски пријатели, сакам само да ве исконтактирам 2-3 дена по последниот натпревар против Вардар во оваа сезона. Факт е дека Вардар е на последното место на табелата што секако не личи на клуб со реномето на клубот, меѓутоа проблемите кои веќе со години го мачат клубот не нѐ одминаа и оваа сезона.

Освоени се 17 бодови (чисти како солзи) без помош на пријател (никој ни нема аут и фаул поклонето), а камоли бодови. Играта од натпревар во натпревар се поправаше, создававме многу шанси кои за жал не ги реализиравме, и со малку повеќе среќа ќе имавме уште 5-6 бода на нашето конто. Несреќна околност беше и повредата на нашиот капитен Мицевски, и откажувањето на солидниот стопер Алаверда.

Огромна благодарност до в.д раководството од Комитите кои одвојувајќи и свои средства помагаа во функционирање на клубот. Благодарност до навивачите, администрацијата, вработените во клубот, а највеќе до ФУДБАЛЕРИТЕ кои вложуваа натчовечки напори да се постигнат позитивни резултати.

Што се однесува до мене, јас ветив дека до декември ќе му помогнам на клубот, надевајќи се дека ситуацијата ќе се подобри, меѓутоа очигледно се нема слух и стратегија од луѓето кои треба да донесат одлуки за доброто на клубот. Не можејќи повеќе да го носам теретот на таквото функционирање се повлекувам од тренерското место во Вардар. На клубот му посакувам сѐ најдобро во иднина – стои во објавата на Васоски на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот