Вардарци без Гурбиндо, но со браќата Њокас отпатува за Норвешка на дуелот со Елверум

Вардарци отпатуваа за Осло со најновите засилувања кои дојдоа од Металург/ фото: РК Вардар/Денис Дуковски

Ракометарите на Вардар 1961 утре ја започнуваат новата сезона во Лигата на шампионите, „црвено-црните“ во првото коло му гостуваат на норвешкиот Елверум (18.45).

Во експедицијата која отпатува за Осло не се најдоа голманот Борко Ристовски, Анте Кудуз и Едуардо Гурбиндо, но затоа во тимот се најновите засилувања на екипата, браќата Оливие и Кевин Њокас кои буквално во минута до 12 од Металург се преселија во Вардар.

Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ вели дека иако екипата не е комплетна поради отсуството на Ристовски, Кудуз и Гурбиндо, ќе оди на победа иако е претпазлив во најавите.

– Патуваме за Норвешка каде исто така треба да ги испочитуваме сите корона протоколи, а потоа и да играме со екипа која мислиме дека можеме да ја победиме. Јас се уште не ја знам вистинската сила на мојот тим. Неиграњето на Ф4 во СЕХА лигата и два силни меча против европски екипи не ми даваат показател за тимот. Особено што во тимот нема да ги имаме ниту Кудуз ниту Гурбиндо кои сезонава веќе играа на неколку натпревари. Едниот поради повреда, другиот поради некои други причини. Тука се браќата Њокас, кои сепак ќе имаат само еден тренинг и незнам ни во каква физичка кондиција се. Се среќаваме со екипа што игра врвен ракомет како и сите нордиски екипи, играат модерно, доста трчаат, имаат креативни играчи. Ќе биде тежок натпревар. Би било добро првиот чекор во ЛШ да го почнеме со победа, но во овој момент навистина не можам да кажам дека Вардар е фаворит на овој натпревар, иако имаме свои адути и свои шанси и ќе сториме се да го добиеме натпреварот во Норвешка – вели Вујовиќ.

Дека ги очекува тежок натревар свесни се и самите ракометари, но најавуваат дека ќе се вратат во Скопје со бодови.
– Очекуваме тежок натпревар. Тие имаат млада екипа. И лани беше заедно со Вардар во иста група. Најсилна страна на Елверум е нивниот брз центар и нападот. Играат брзо, шутираат многу. Верувам дека ќе освоиме бодови. Се подготвуваме долго. И се надевам во Скопје ќе се вратиме со бодови – вели десното крило Дарко Ѓукиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот