„Ваков тип на објект нема ни во Германија“, му кажале Германци на Мицкоски за реновираниот блок во „8 Септември“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска при обиколка на реновираниот оперативен блок во болницата „8 Септември“, тврдеше дека германските инспектори кои дошле на увид, му кажале дека ваков тип на објект нема ни во Германија. Самиот Мицкоски рече дека ова е многу важен проект за нашето здравство, но и за регионот. Според него, „вакви услови северно, би рекол до Виена немаме“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Комплетно се обновени оперативниот блок, интензивната нега, патологијата, клиничката лабораторија и кровната конструкција на Болницата, но иако Мицкоски денеска ги претстави, во функција ќе бидат ставени, како што најави тој, за месец-два.
„Пред да се случи оваа реконструкција на овој објект, во овие операциони сали се влегуваше со чадор. Кога врнеше, прокиснуваше, односно кровот течеше. Тоа што вие сега не можете да го видите, а коешто исто така опфаќа дел од оваа реконструкција, е целосното реконструирање на кровната конструкција, каде што се сместени клима-коморите коишто обезбедуваат третиран воздух, кондициониран со сите параметри — физички, влажност, чистота, притисок итн. Но, исто така, и оној дел каде што се практично сместени и чилерите и другата електромеханичка опрема, којашто е во подножјето на објектот. Ова се дела кои ќе останат и по мене и по оваа Влада, и ова се убави моменти за кои треба да зборуваме, за додадена вредност за подобар квалитет на живот на нашите граѓани и европски вредности. Би сакал да споделам со вас уште една работа: господата кои дојдоа од Германија и извршија инспекција на електромеханичката опрема, рекоа дека ваков тип на објект нема ни во Германија“, изјави Мицкоски.
Блокот во болницата е инвестиција на „ТАВ Аеродроми“, во рамките на програмата за инфраструктурни проекти. Директорот на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, рече дека вкупната површина на реконструкцијата опфаќа 4.334 квадратни метри. Сега има седум специјализирани операциони сали кои опфаќаат површина од 634 метри квадратни, оддел за интензивна нега со површина од 460 квадрати, административни канцеларии со површина од 620 квадрати, како и одделот за патологија и клиничките лаборатории, кои се на површина од 800 квадратни метри.


