Утре се слави Свети Нектариј Егински, еден од најголемите христијански исцелители
Свети Нектариј Егински во народот се прославува како голем заштитник и застапник на болните пред Бог, особено на заболените од малигни болести.
Православна црква и верниците на 22 ноември го прославуваат празникот посветен на Свети Нектариј Егински, еден од најголемите исцелители во историјата на христијанството. Свети Нектариј Егински бил епископ на Александриската православна црква, митрополит Пентаполски, како и православен теолог, кој подоцна бил прогласен за светител.
Препорачано
По заминувањето во пензија, живеел во Троичниот манастир на островот Егина, кој самиот го основал, по што и го носи името „Егински“.
Во текот на животот претрпел многу предизвици и неправди, но, како што пишува во книгите, и покрај сè, останал смирен, а луѓето зборувале дека бил кроток по карактер и силен во зборовите. Верниците го сметаат за чудотворец, заштитник на болните, а неговите мисли и духовни поуки служат како важни насоки на животниот пат.
За љубовта говорел на следниов начин:
„Потрудете се да имате љубов. Молете го Бога секојдневно за љубов. Со љубовта доаѓа сето богатство на добродетели. Љубете, за да бидете љубени од другите. Подарете Му го на Бога целото свое срце за да останете во љубовта. „Кој пребива во љубовта, во Бога пребива, и Бог во него“ (1 Јн. 4,16).“ – зборовите на Свети Нектариј Егински.
Празникот посветен на Свети Нектариј Егински се празнува на 22 ноември, а една негова поука нè потсетува каде треба да ја бараме вистинската среќа:
„Колку се во заблуда луѓето што ја бараат среќата надвор од себе – во туѓи земји и патувања, богатство и слава, голема власт и наслади, задоволства и во суетни работи чиј крај е горчина! Градењето на зданието на среќата надвор од сопственото срце е исто како градење дом на место изложено на постојани земјотреси. Среќата се наоѓа во нас самите, и блажен е човекот што го разбрал тоа … Среќата е – чисто срце, зашто таквото срце станува престол Божји. Господ за луѓето со чисто срце вели: „Ќе се вселам во нив и ќе живеам во нив, и ќе им бидам Бог, и тие ќе бидат Мој народ“ (2 Кор. 6:16). Што може да им недостасува? Ништо, навистина ништо! Зашто во своето срце го имаат најголемото богатство – Самиот Бог!“
Молитви кон Свети Нектариј Егински
Прва молитва
О, мироточива главо, светителу Нектариј, Божји архиереју!
Во времето на големото отстапништво и безбожништво, си засветлил со побожност и си му ја скршил главата на прегордиот ѓавол, кој нè рануваше.
Заради тоа, Христос ти дарува да лекуваш неизлечиви болести, кои нè спопаднаа поради нашите беззаконија.
Веруваме дека те засака Бог бидејќи си праведен, па заради тебе да нè помилува нас грешните, да нè разреши од проклетството, да нè избави од болестите и во целата вселена да се слави Неговото страшно и преславно име, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови.
Амин.
Втора молитва
О, свет Нектариј, богомудар отче! Прими го, чувару на православната вера, исповедувањето на луѓето со Христовото име, кои денес се собраа во храмот до Божјата благодат која живее во тебе.
Веста се рашири низ целата земја дека ти, голем меѓу светиите, Божји угоднику, се јавуваш на сите страни на светот на оние кои го призиваат твоето име и дека на болните од рак им даруваш исцелување.
Слушнавме за свештеникот Нектариј, кој подигнува храм во твое име, со големи маки, бидејќи боледуваше од рак на градите и секој ден крв му истекуваше од раните и многу страдаше, но не го оставаше светото дело.
А ти, многумилостив светителу, одеднаш се симна од небото и пред него се појави во храмот. Тој, пак, за тебе мислејќи дека си собрат и еден од смртните, од тебе побара да се помолиш и рече:
„Многу сум болен, но сакам да подигнам свет храм, само еднаш во него да отслужам света литургија заедно со парохјаните, а потоа и да умрам, бидејќи не се плашам од смртта“.
А ти отче, иако беше бестелесен, своето лице со солзи го ороси!
И прегрнувајќи го страдалникот, го целиваше и му рече:
„Не тагувај, чедо мое, бидејќи бргу ќе оздравиш, зашто си искушан со болеста. И сите ќе дознаат за ова чудо“.
Овој, пак, исцелувајќи се, разбра со кого зборува, но ти тогаш стана невидлив.
О, голем Христов угоднику, Нектариј!
Тој храм денес е довршен и твоите чудеса се умножија како морето! Ние сфативме дека молитвите на праведникот треба да бидат поддржани од нашата усилба за Божјата служба и со решеност да умреме заради Христа, за да оздравиме.
Отче праведен, те молат твоите болни чеда: со нас да се исполни Божјата волја, добра, угодна и совршена, бидејќи Бог не ја сака смртта на грешникот, туку грешникот да се обрати и да биде жив.
Ти, пак, пророку на Божјата волја, исцели нè со своето благодатно јавување, да биде голем Бог на Небесата и на земјата во сите векови!
Амин.


