Уште едно потсетување за неодговорните газди: „Не им ги барајте назад парите од К-15, ви следува затвор до една година“
Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни со затвор од три месеци до една година, пропишува Кривичниот закон
Сојузот на синдикатите уште еднаш ги потсети неодговорните работодавачи што не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ, со предупредување дека за ова Кривичниот закон предвидува затворската казна до една година.
Препорачано
– Оваа законска обврска дополнително ќе придонесе за заштита и остварување на ова уставно и законско право на работниците (Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Сл. весник бр. 226 од 2015 г.) – велат од ССМ.
Оттаму очекуваат дека како резултат на зајакнатата казнена политика и измените на Кривичниот закон, ќе се елиминираат и оние појави каде што имаше практика исплатата да се изврши формално, а потоа да се враќаат средствата бидејќи и ова е предвидено во Кривичниот закон за што следува казна во согласност со член 166 нов став 2, кој гласи:
„Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни со затвор од три месеци до една година.“
Регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците, во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавачите – ОРМ и со оглед на тоа што станува збор за право уредено спогодбено со потпишување колективен договор, очекувано е работодавачите целосно да ја исполнат обврската што доброволно ја презеле.


