Уште еден осуденик затворската казна ќе ја одлежува дома, со електронска алка
Осуденик доби електронска алка на ногата со која наместо во затвор казната ќе ја издржува во својот дом. Ова е втор ваков случај во државата, со издржување на затворска казна од дома.
Препорачано
Минатата година беше донесена првата пресуда од Основниот суд Велес со која беше изречен куќен затвор во траење од 3 месеци, на старо и изнемоштено лице. Сега пак, осудениот веќе бил во затвор, но остатокот на казната од една година ќе го издржи од својата куќа. Решението е донесено од страна на Основниот суд во Струга.
На затвореникот му е поставена електронска алка на глуждот, преку која надлежните служби ќе го следат неговото движење и почитувањето на мерката.
Од Управата за извршување на санкциите информираат дека станува збор за повозрасно осудено лице со сериозни здравствени проблеми, што претставувало предизвик за третман во затворската установа.
Според надлежните, во случај осуденото лице да не ги почитува правилата или да ги прекрши ограничувањата, пробациските службеници веднаш ќе го известат судот, согласно Законот за пробација.
Пробациската канцеларија за подрачјето на Основниот суд Охрид е во постојана координација со институциите, додека Одделението за електронски надзор 24 часа дневно ќе го следи извршувањето на мерката преку специјалната опрема.
Од Управата потенцираат дека ваквиот начин на извршување на казната е значително поекономичен за државата, а во исто време претставува и похуман пристап, особено во случаи кога осуденото лице има сериозни здравствени проблеми.
Оттаму додаваат дека веќе втора година по ред се склучува договор за одржување на опремата за електронски надзор, со очекување судовите во иднина почесто да ја применуваат оваа мерка.


