ФОТО | Првата електронска алка приклештена за ногата на 79-годишен велешанец – започна примената на куќен затвор под надзор
Велешанецот е осуден за кривично дело по член 190-а став 2 од Кривичниот законик – полово вознемирување.
Во Велес денеска започна практичната примена на електронскиот надзор како нова форма на извршување на казната куќен затвор.
Препорачано
Прв во земјава што ја доби електронската алка на глуждот е 79-годишен велешанец, осуден на три месеци домашен притвор.

Неговото издржување на казната ќе биде под постојан надзор на службеници од Секторот за пробација при Управата за извршување на санкции.

„Денеска од страна на овластени службеници од Секторот за пробација во Чашка, Велес за прв пат беше поставена опремата за електронски надзор со што започна извршувањето на првата изречена пресуда куќен затвор. Врз осуденото лице беше поставена алка на глуждот на ногата. Истиот нема да смее да го напушта своето живеалиште во времетраење од три месеци , а лицето има право на престој на свеж воздух од најмногу два часа. Во случај на непочитување на упатствата за користење на опремата за електронски надзор и ограничувањата дадени од судот, пробациските службеници ќе го известат судот, согласно одредбите од Законот за пробација. Притоа, овој начин на извршување на казната е поекономичен за државата, а имајќи ја предвид возраста на сторителот воедно претставува и похуман начин на извршување на казната“, соопшти Управата за извршување на санкции.
Велешанецот е осуден за кривично дело по член 190-а став 2 од Кривичниот законик – полово вознемирување.
Во мај годинава, директорот на Управата, Александар Пандов, најави дека електронските алки влегуваат во употреба, со што и во Македонија се воведува системот за издржување казна затвор во домашни услови, под електронски надзор.
Пандов тогаш објасни дека оваа мерка е особено важна поради пренатрупаноста на затворите.
„Во моментот имаме околу 2.300 затвореници и 400 притвореници. Во дел од установите капацитетите се над 100 проценти исполнети. Алките треба да помогнат да се намали затворската популација“, рече тогаш Пандов.
Тој посочи и дека досега 60 осуденици поднеле барање да ја издржуваат казната со електронски алки. Законот, според него, овозможува оваа мерка да се примени кај три категории лица – стари и изнемоштени осуденици, бремени жени или мајки со мали деца, како и лица со тешки болести или инвалидитет.


