Универзалната сала пеплосана, многу прашања неодговорени

Пожар Универзална сала/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

До темел изгоре Универзалната сала во Скопје, откако вчера претпладнево избувна пожар, кој заврши без жртви или повредени, но со материјална штета која допрва треба да се утврдува. Причините за пожар за сега не се познати, но приведени се тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот.

По пожарот, две женски лица биле однесени на Токсикологија. Како што потврди вчера за МИА професор доктор Нико Беќаровски од оваа клиника, две женски лица на средни години биле донесени на клиниката поради мала изложеност на гасови, од соседната зграда.

Пожар Универзална сала/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Подоцна во текот на вчерашниот ден од МВР соопштија дека се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот во Универзална сала во Скопје.

Пожарот во Универзалната сала избувна вчера околу 9 часот. Информацијата ја соопшти Центарот за управување со кризи, укажувајќи дека гори една од куполите на објектот и дека пожарникарите се на самото место и се обидуваат да го изгаснат пожарот, по добиена пријава од Единствениот број за итни случаи 112.

Пожар Универзална сала/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која го посети објектот веднаш по избувнувањето на пожарот, во изјава за меидумите потврди дека е направена само материјална штета и набрзо ќе се утврди колкава е штетата пред да се продолжи со градба. Таа испрати апел за брзо расчистување на случајот.

-Јас сум многу вознемирена од ова што го гледаме позади нас. Се повикувам за брзо постапување од страна на сите институции и апелирам за брзо расчистување за кои се причините за пожарот што се случил и апелирам на тоа да не се шират шпекулации, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа напомена дека објектот е осигуран, што значи дека од осигурувањето ќе се санира штетата која што е направена и потоа ќе се продолжи со градба.

Бисера Костадиновска Стојчевска – министерка за култура / Фото: „Слободен печат“

Сопственикот на фирмата изведувач што го реконструира објектот „Универзал Балкан“ – Скопје, Лазар Арсовски изјави дека пожарот во Универзалната сала се случил во стариот дел и гореле стари материјали, иверки, плочки, новиот дел не е зафатен.

Тој претпоставува дека е можно пожарот да бил предизвикан од стар кабел или од старата инсталација и рече дека во моментот на пожарот внатре немало нивни инженери и работници зашто денеска немале градежни активности.

На прашање дали се сомнева во човечки фактор за причина за пожарот, одговори дека тоа не може да го каже зашто, рече, „инженерите не виделе ништо“.

Се надева дека за новата конструкција ќе нема проблеми и побара „слух од инвеститорите“, како што рече, „без разлика кои се – политички партии, градоначалници – оваа сала што побрзо да се направи“.

-Како компанија многу се измачивме за да го изведеме сето ова и само се молиме новата конструкција да не треба да претрпи големи промени, рече сопственикот на фирмата изведувач.

Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески изјави дека дека за кратко време пожарот бил ставен под контрола иако имале висока температура во самиот објект. Како што посочи, вкупно интервенирале со девет противпожарни возила и 24 пожарникари.

Напомена дека немало градежни работи во моментот кога избувнал пожарот. Рече дека имало густ чад, висок столб на чад, температурата била многу висока и на соседните објекти кои се во непосредна близина. На салата има оштетување на ролетните.

-Штетата не можеме да ја констатираме сега. Не знаеме што се имало внатре, бидејќи настана колапс на кровната конструкција се уште се работи на догасување, има висока температура се уште во објектот, не може да се пристапи до сите места. Она што е битно за нас, интервенцијата е успешна од аспект на брзина на интервенирање и тоа што нема повредени пожарникари и граѓани, рече Томески.

Поранешниот директор на Универзална сала Душко Поповски изјави оти е видно вознемирен за пожарот, но за среќа, како што посочи, нема човечки жртви.


Според Поповски, Универзалната сала е синоним за сите луѓе, веројатно попрепознатлив и од старата железничка и од Зоолошка градина и од сите објекти во оваа држава.

-Бев тука директор од 2005 до 2009 година, време во кое што и тогаш беше преамортизиран објектот, дури беше и на граница на употреблива вредност, значи ваков објект од времен карактер не смееше да работи во такво светло повеќе од 40 или 50 години. Не работи веројатно последниве седум, осум години, меѓутоа од кога станав директор прва информација која што ја примив беше дека сличен објект или ист ваков, бидјеќи е бугарски проект, во Бугарија изгорел за седум минути. Можете ли да замислите каква трагедија би било во случај на преполна сала, рече Поповски.

Тој потсети дека уште во 2005 година кога стапил на должноста, имало проект за реконструкција и доградба на Универзална сала.

Универзалната сала беше во процес на реновирање. Пред само две недели беше поставена новата купола. Реконструкцијата ја започна поранешниот градоначалник Петре Шилегов, но сегашната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска не ја продолжи. Во февруари годинава, реконструкцијата на салата од Градот Скопје ја презема Министерството за култура.

Очекувањатата беа дека ќе биде целосно завршена до 2026 година, кога објектот повторно требаше да ги отвори вратите за посетители. Во првата фаза е предвидена реконструкција на надворешниот дел од објектот, а во втората фаза техничкото и ентериерно уредување на просторот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот