Уникатен рецепт на Стефанија Несторовска: Чискејк барови со моркови
Чискејкот стана популарен во последниве години, бидејќи е едноставен десерт што не се пече. Инаку, чискејк е торта/колач со крем-сирење. Покрај сирењето, состојките вклучуваат: слатка павлака, бисквити, путер и овошје (најчесто црвено).
Препорачано
Чискејк може да се направи и без овошје, со чоколадо, јаткасти плодови… Основата е иста, а додатоците приспособете ги по вкус.
Њујоршкиот чискејк се прави поинаку (се пече) во споредба со оној што е популарен кај нас. Крем-сирење, бисквити, павлака, маргарин/путер, како и другите состојки можете да ги избирате. Користете производи што се достапни за вас или оние на кои сте навикнати.
Позната по својата креативност и инвентивност, младата Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот snestorovskaa, овој пат ни приготви чизкејк барoви од морков. Направете го рецептот, ќе уживате во неповторливиот вкус.
Состојки:
За база:
– 2-3 моркови, рендани или блендирани на крупно (рендани околу 1 филџан)
– 150 г (1+1/2 филџан) ореви
– 140 г (1 филџан) бадеми
– 220 г (1 филџан) урми
– 1 лажичка цимет
– 1/2 лажичка ѓумбир во прав
– 1/4 лажичка морско оревче
– малку ванила (по желба)
За филинг:
– 210 г (1+1/2 филџан) индиски ореви, киснети во вода*
– сок од еден портокал
– 70 г (1/3 филџан) кокосово масло, стопено
– 160 г (2/3 филџан) кокосово млеко, од конзерва
– 3 лажици јаворов сируп
За декорација:
– грубо исечкани оревчиња
– кора од портокал, рендана
** Индиските ореви се мерат и се додаваат во сад, се додава вода, доволно да ги прекрие сите. Се оставаат да отстојат преку ноќ или најмалку 4 часа. За побрза постапка може да им додадете врела (превриена) вода и да ги потопите 30 минути до 1 час.

Начин на подготовка:
Најпрво се подготвува тава што ќе ни служи како калап. Со оглед на тоа што не се пече, може да си користите каков било сад. Јас користев керамички сад со димензии 20х20. Може да користите калап за торта, за мафини, за леб и слично… Се додава хартија за печење и се тргнува настрана.
Во блендер се додаваат оревите, бадемите и сите зачини. Се блендира сè додека не се раскршат јатките. Нека бидат убаво мелени, но не премногу, нека остане малку текстура.
Се додаваат и урмите и повторно се блендира сè додека смесата не се соедини. На крај, се додаваат и ренданите моркови и се пулсира неколкупати во блендерот. Не премногу, само колку да се измешаат во смесата.
Доколку имате мал блендер, можеби ќе треба да блендирате сè одвоено, па потоа со рака да ги соедините и измешате.
Смесата ќе биде малку „мокра“, но не премногу. Треба да биде доволно леплива за да може да држи и да се соедини. Ако е премногу сува, додајте малку повеќе урми, ако е многу течна и не се лепи додајте повеќе јаткасти плодови, може и малку кокос или овес доколку имате при рака.
Се додава смесата во подготвената тава и се притиснува на дното. Со шпатула или со рака се тапка и се рамни убаво. Се остава настрана додека го подготвуваме филот.
Се премиваат индиските ореви од водата во која се киснети. Се цедат убаво и се додаваат во блендер заедно со сите други состојки.
Се блендира убаво сè додека не се добие кремаста смеса.
Се додава на базата, се рамни убаво и одозгора се додаваат оревчињата и ренданиот портокал за декорација.
Се остава во замрзнувач да се стврдне неколку часови пред да се исече.
Барчињата може да ги чувате во замрзнувач и до 2 месеци без проблем. Пред консумирање, се оставаат 5-10 минути да пуштат и се спремни за јадење.
Забелешки и совети:
→ Оревите и бадемите за базата може да ги замените со кои било други јаткасти плодови. Вкусот може да се промени, но верувам дека ќе бидат еднакво вкусни.
→ Урмите може да ги замените со суви сливи (јас лично не сум пробала), меѓутоа, би требало да биде успешно и на тој начин.
→ Јаворовиот сируп може да се замени со кој било друг течен засладувач; мед, агаве, сируп од урми, меласа и слично.


