Улицата „Ха-ха“ во Лондон: Туристичка атракција само поради своето име

Фото: Geograph/ Chris Whippet

Благодарение на социјалните мрежи, некои претходно вообичаени работи на кои локалното население не ни обрнувало внимание, може за миг да станат туристички атракции. На пример розовиот ѕид во Лос Анџелес, кој не е важен или посебен по ништо освен по бојата, а стана омилена локација за селфи. Или автобуската линија 666 во Полска, која донесе туристи во мирниот град Хел.

Една таква „случајна атракција“ се наоѓа во лондонскиот кварт Гринич. Имено, туристите се почесто доаѓаат таму само за да се фотографираат покрај името на улицата „Ха-ха“ (Ha-ha road), пишува “Путникофер“.

Фото: Инстаграм/ fromukhabaqmai

Улицата „Ха-ха“ е дефинитивно едно од најсмешните имиња таму и редовно се појавува на списоците со имагинативни имиња на патишта ширум светот.

Иако денес сигурно предизвикува многу насмевки, името нема апсолутно никаква врска со смеата и забавата. „Ха-ха“ е всушност потонат ров што служи како маркер за граници меѓу два имоти, наспроти високите ѕидови што го ограничувале погледот.

Има приказни за тоа зошто ровот го добил токму името „ха-ха“. Некои мислат дека тоа е извикот на изненадување од невнимателните пешаци кога одеднаш ќе се најдат во ров, додека други тврдат дека ровот го добил името по реакцијата на минувачите кога ќе видат пешаци како паѓаат во ровот.

Она што со сигурност се знае е дека овој тип на „ха-ха“ ровови, е дизајниран од Чарлс Бриџман, дизајнер на градини од 18 век. Најпрво биле инсталирани во градините на палатата Кенсингтон, каде што бил ангажиран од кралицата Каролина, сопруга на Џорџ Втори. Подоцна, ровот „ха-ха“ се користел во голем број градини и станал стандардно обележје за граница меѓу две сопствености низ Англија.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот