Украинката со мало дете која бара милостина пред маркети одби секаква помош, велат од украинското здружение
Здружението на Украинците во земјава, „Лесја Украинка“, информира дека жената од Украина со мало дете, која бараше помош од луѓе пред маркет во Скопје, ги одбила сите форми на помош кои ѝ ги понудило здружението.
Препорачано
Оттаму во објава на социјалните мрежи наведуваат дека откако добиле информации дека таа бара помош од минувачи пред маркети, нивни претставници стапиле во директен контакт со неа и ѝ понудиле сеопфатна поддршка. Во разговорот, како што наведуваат, ѝ биле објаснети можностите за законски престој во земјава, вклучително и добивање дозвола за привремен престој од хуманитарни причини, азил или туристички престој. Понудени ѝ биле и услуги од преведувач, како и помош при подготовка на потребната документација.
Дополнително, ѝ било препорачано да стапи во контакт со конзуларниот оддел на Амбасадата на Украина во државата, а ѝ било понудено и посредување за обезбедување сместување, вработување и материјална помош во вид на храна, облека и основни потреби. Од здружението биле подготвени да ѝ обезбедат и СИМ-картичка, бидејќи, како што посочила, немала телефонски број.
Во меѓувреме, истиот ден, како што информираат, и други организации понудиле поддршка, меѓу кои хуманитарната организација „Св. Спас“, Црвен крст на град Скопје, како и „Легис“ и „Екрауд“ фондацијата.
„Оваа државјанка ги одби сите видови понудена помош. Таа изрази незадоволство што нејзината приказна доби јавност, изјавувајќи дека тоа „ѝ пречи да собира пари“. И покрај ветувањето дека сама ќе купи телефонска картичка и ќе стапи во контакт со претставниците на Здружението, во текот на изминатите два дена таа не се јави“, велат од украинското здружение.
Од „Лесја Украинка“ посочуваат дека ги презеле сите можни чекори за помош и се оградуваат од понатамошната одговорност за нејзината состојба и легалноста на нејзиниот престој, нагласувајќи дека натамошното постапување е во надлежност на институциите.
Воедно, упатуваат благодарност до граѓаните за нивната внимателност и апелираат до јавноста да ги информира доколку девојката повторно биде забележана.
ФОТО | Украинка со мало дете моли за помош пред маркет во Скопје


