Украинците побрзо станале германски работници од другите бегалци, покажува студија
Институтот за истражување на трудот од Нирнберг објави студија која вели дека украинските бегалци побрзо се интегрирале на германскиот пазар за труд за разлика од бегалците од други кризни региони кои дошле во земјата.
Препорачано
Според истражувањето, половината од украинските бегалци, три и пол години по доаѓањето во Германија, се вработени. Тие од доаѓањето во земјата поседуваат работни дозволи и се интегрирани во социјалните системи во иста мера како германските државјани, за разлика од сириските бегалци, велат авторите на студијата.
„Централната движечка сила на брзата интеграција на Украинците на пазарот на трудот беше брзиот пристап до јазични курсеви и канцеларии за вработување“, наведе Јулија Косјакова, една од авторките на студијата.
Украинските бегалци вработени во сектори со ниски плати, како што стои во документот, сè уште се принудени да бараат некаков вид државна поддршка, како што е надоместокот за домување.
Воедно, бегалците од Украина кои страдаат од воена траума имаат помала веројатност да работат во споредба со нивните сонародници без такви последици.
„Доколку сакаме повеќе Украинци да се вклучат на пазарот на трудот, може да помогнеме со психолошка поддршка. Ова може да биде релевантно и во други земји каде Украинците побарале засолниште“, вели Мете Фогед, вонреден професор на Универзитетот од Копенхаген и виш истражувач.
Студијата укажува и на тоа дека поголем број мажи се вработени отколку жени.
„Тоа се должи на фактот дека многу жени во Германија пристигнале со малолетни деца, што ја отежнува интеграцијата на пазарот на трудот“, укажуваат истражувачите.


