Укинат контроверзниот проект за вилите во Маврово, планерот може да остане без лиценца

Вили дивоградби Ресорт Радика во срцето на Националниот парк Маврово - фото: Слободен печат-Драган Митрески

Општината Маврово-Ростуше, по налог на Државниот инспекторат за урбанизам, го укина Архитектонско-урбанистичкиот проект (АУП) со кој се предвидува изградба на 87 луксузни вили, објави ИРЛ. Се бара и одземање на лиценците за работа на планерската фирма која го изработи овој документ и на фирмата која била ангажирана за надзор.

Како што претходно пишуваше ИРЛ, но и „Слободен печат“, спротивно на прописите, со дозвола на локалните власти се реализира бизнис идеја за елитен туризам – со луксузни вили во срцето на Националниот парк Маврово.

Општината Маврово-Ростуше на чело со градоначалникот Медат Куртовски од СДСМ, пред четири години го одобри мегаломанскиот проект „Радика вилиџ“ – идеја на еден од најбогатите луѓе во Албанија и поранешен македонски конзул во Драч – Александер Пило. Тој бил првиот сопственик на хотелот „Радика“ кога луксузниот објект преминува од државна во приватна сопственост. Во 2017 година хотелот заедно со земјиштето од 170.000 квадратни метри го купува Косовецот Шериф Рамука и ја почнува постапката за изградба на луксузното село „Радика вилиџ“.

Сега, по налог на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам истата локална администрација ја укина планската документација (Архитектонско – урабинистички проект), откако инспекторите утврдиле неправилности во постапката, пишува ИРЛ

Државниот инспекторат побара одговорност и од проектантската куќа „Пологпроект-про“ од Гостивар, која го изработи проектот на барање на инвеститорот „Радика Ресорт“. Инспекторатот од Министерството за транспорт и врски бара да ја одземе лиценцата за работа на „Пологпроект-про“.

„Пристигнато е барање за одземање на лиценцата за конкретата фирма. Стручните служби во Министерството во овој момент ги разгледуваат поднесените списи и ќе постапат соодветно на законските прописи“, велат од Министерството за транспорт и врски.

ИРЛ се обрати и до Општина Маврово и Ростуше, но тие не одговорија на нашите прашања поврзани со овој случај. Градоначалникот Медат Куртовски телефонски ни потврди дека АУП – от е укинат и нè упати подетални одговори да побараме од општинските служби. Но, ниту стручните служби не одговорија на прашањата.

Како што претходно објави ИРЛ, проектот „Радика вилиџ“ е .

Од предвидените 87 куќи, досега се изградени 17, од кои првите десет се со дозвола за градба врз основа на Урбанистички план за село, а останатите седум се донесени врз архитектонско – урбанистички проект.

Во процес на изградба беа уште девет викенд куќи од проектот, но во септември минатата година, општинскиот градежен инспектор, Ќирко Џуковски, донесе решение за уривање со образложение дека тие се градат без одобрение за градба. Со тоа, на инвеститорот му беше даден рок од 15 дена сам да ги урне деветте објекти, а доколку не го стори тоа во предвидениот рок, обврската за уривање ја презема општината. Но, ниту инвеститорот ниту општината не ги остранија спорните објекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот