Актерите Џо Кири и Гејтен Матарацо во петтата сезона на „Почудни нешта“ (Stranger Things) / Фото: Supplied by LMK / ipa-agency.net / IPA / Profimedia

Творците на „Почудни нешта“ ги смируваат фановите: „Ова не е ‘Игра на тронови’, финалето нема да биде разочарување“

Додека гледачите ширум светот со нетрпение ги следат последните чекори на една од најомилените серии во последната деценија, творците на „Почудни нешта“ (Stranger Things) порачуваат дека нема простор за страв од разочарувачки крај.

Петтата сезона, велат, „не е ‘Игра на тронови’ (Game of Thrones)“. По речиси десет години на малите екрани, хит-серијата влегува во своето големо финале, а обожавателите – поучени од искуствата со некои други телевизиски серијали – интензивно се прашуваат каква судбина ги чека нивните омилени ликови.

Последната сезона пристигнува во неколку делови: првиот беше објавен на 26 ноември, вториот следува за Божиќ, а големото финале е најавено за дочекот на Новата година. Долгата пауза од претходната сезона, емитувана во 2022 година, само ги зголеми очекувањата, но и нервозата меѓу фановите.

Многумина стравуваат дека може да се повтори сценариото од „Игра на тронови“, глобалниот феномен чие финале се претвори во едно од најконтроверзните во историјата на телевизијата. Завршната сезона на Ејч-би-о од 2019 година доби жестоки критики поради забрзаниот развој на настаните и недоволно разработените заплети, што резултираше со петиција за повторно снимање на осмата сезона, која ја потпишаa повеќе од 1,8 милиони луѓе. Ваква судбина браќата Дафер сакаат по секоја цена да ја избегнат.

Во разговор за „Варајети“, Мет Дафер, еден од креаторите на серијата, директно одговори на прашањето дали финалето ќе биде крваво: „Веќе кажав, ова не е ‘Игра на тронови’“.

За да ги смири фановите уште повеќе, додаде: „Се надевам дека луѓето ќе бидат изненадени. Но нема да има Црвена свадба, ако на тоа мислите. Тоа би било навистина депресивно“.

Сцена од серијата „Почудни нешта“ / Фото: Supplied by LMK / imago stock&people / Profimedia

Со тоа се повика на една од најшокантните епизоди во телевизиската историја, давајќи до знаење дека „Почудни нешта“ нема да тргне по тој пат.

Дафер упати и порака до гледачите. Во интервју за „Холивуд репортер“ откри дека се забавува читајќи ги многубројните теории на фановите, иако најчесто се погрешни.

„Забавно е да се читаат сите тие предвидувања. Повеќето се неточни. Повремено, некој ќе погоди нешто“, рече низ смеа.

Публиката ја повика да не се оптоварува премногу со претпоставки, туку да ужива во последниот дел.

„Секако дека луѓето имаат очекувања и се надеваме дека ќе ги исполниме. Но, би сакал да влезат во сезоната како во сите претходни и да ѝ дозволат на приказната да ги води. Земете си малку чоколаден пудинг, чипс или пуканки, што и да ви треба за вистинско уживање“.

Првите четири епизоди од петтата сезона на „Почудни нешта“ веќе се достапни на филмската платформа Нетфликс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот