Сцена од претставата „Ифигенија за ништо“

Триумф на претставата „Ифигенија за ништо“ на Драмски театар Скопје на фестивалот „Стоби 2025“

Драмски театар Скопје е добитник на три награди на 22. издание на Интернационалниот фестивал на античка драма – ИФАД „Стоби“ 2025 во Велес. Жирито во состав: Јордан Витанов, Кристина Атанасова Арсова и Фаик Мефаилоски, со едногласна одлука ги додели овогодинешните награди на најистакнатите остварувања на фестивалот.

За најдобра претстава на фестивалот е прогласена „Ифигенија за ништо“, во продукција на Драмски театар Скопје. Во образложението за највисоката награда на фестивалот комисијата истакна дека: „Претставата се издвојува со силна концептуална визија, која античката трагедија ја претвора во современ политички и егзистенцијален коментар. Преку минималистички, но прецизно изграден сценски јазик, ‘Ифигенија за ништо’ создава длабоко емотивно и интелектуално искуство кое ја поврзува митологијата со реалноста на денешниот човек.“

Наградата за режија ја доби Филип Петковски за претставата „Ифигенија за ништо“, со образложение дека: „Петковски создава моќен визуелен и звучен универзум во кој трагедијата се движи меѓу древното и модерното. Неговата режија е суптилна, но впечатлива – вешто балансира меѓу симболиката и човечката драма, овозможувајќи на актерите и публиката да доживеат вистинска катарза.“

Награда за најдобра женска улога ѝ е доделена на првенката на Драмски театар Скопје Јелена Жугиќ за улогата на Клитемнестра во претставата „Ифигенија за ништо“. Во Одлуката на жирито се истакнува дека наградата ја добива за улогата на Клитемнестра и се додава: „Со моќна енергија и прецизна емоционална контрола, Жугиќ создава потресна Клитемнестра – мајка и жена која се бори меѓу љубовта, болката и одмаздата. Нејзината изведба е пример за актерска посветеност и сценска присутност што го држи вниманието до последниот миг.“

Награда за најдобра машка улога доби Марко Трајковиќ за насловната улога во претставата „Калигула“ на Кумановски театар. „Трајковиќ ја толкува сложената фигура на Калигула со извонредна психолошка длабочина и интензитет. Неговиот настап ја открива тенката линија меѓу лудилото и апсолутната моќ, претворајќи ја класичната драма во живо, современо размислување за човековата природа и општествените механизми на контрола.“

Театарската фела и организаторите на Фестивалот упатуваат честитки до сите наградени за нивната уметничка храброст, посветеност и инспирација. Фестивалот „Стоби“ уште еднаш покажа дека античката драма е бескрајно актуелна и дека новите генерации театарски творци умеат да ѝ дадат свеж, силен и човечки глас.

Претставата „Ифигенија за ништо“ се игра на 6 ноември на редовниот репертоар на Драмски театар. Времетраење на претставата е 105 минути и не се препорачува за лица помлади од 16 години, известија од НУ Драмски театар Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот