Трипуновски: Исчезнати се голем дел од документите од архивата на Министество за Земјоделство, недостасуваат и спорни договори

ФОТО- скриншот : ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски

Од архивата која што се води во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) се исчезнати голем дел од документите, обвини денеска на прес-конференција претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски.

Тој додава дека веќе десетина дена официјалната страница за МЗШВ не е во функција, а од Министерството, како што рече, се правдаат дека се под хакерски напад без да ја информираат јавноста за каков сајбер напад станува збор.

„Според нашите информации со кои располагаме, а за кој МЗШВ крие, документите кои недостасуваат во електронска форма се податоци од фарм-регистарот и сите активни регистри кој што ги води МЗШВ за откупувачи за вино, за земјоделските задруги, за органско производство, преглед на сите важечки договори за закуп на земјоделско земјиште, а нема ниту листа на должници. Исто така изгубена е целосно евидентацијата за сите постапки кои што се поврзани со закон за управна постапка и дополнително не може да се постапува и да се завршат тековните започнати управни постапки. Недостасуваат и важечките договори за концесии риби и дивеч“, вели Трипуновски,

Тој додаде оти поради хакерскиот напад земјоделците не можат да извадат потврди и уверенија кои по разни основи ги бараат од Министерството како релевантен документ за во Министерството за труд и социјална политика.

Трипуновски посочи дека во архивата на МЗШВ недостасуваат и документи во секторот за финансиски прашања кои се однесуваат на преглед на исплати како и доцнење при исплата на доспеани обврски. Во секторот за човечки ресурси на Министерството, пак, истакна дека недостасуваат персоналните досиеја на вработените и целокупната документација за сите вработени во МЗШВ.

„Молкот од страна на првиот човек на министерството Љупчо Николовски отвора сериозен сомнеж дали се работи за хакерски напад или пак во прашање е прекривање на криминални дејствија и злоупотреби од страна на Владата на антимакедонската СДС. Николовски мора да одговори пред јавноста дали од документацијата недостасуваат и голем број на спорни договори и постапки, кои можело да го инкриминираат врвот на Министерството, како и кој го одржувал софтверот на министерството и колку народни пари се исплатени за одржување?“ прашува Трипуновски.

Затоа, како што додаде тој, ВМРО-ДПМНЕ бара отворање на целосна истрага и посериозен пристап од страна на МВР и органите на прогонот.

„Николовски да не се крие позади партиските соопштенија и да излезе и да ја информира јавноста што до сега е преземено за целосно расчистување на случајот, во спротивно тој е највиновен и најодговорен, и секој кој свесно се огрешил пред законот мора да одговара“, додаде претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот