Трипуновски: Интерпелацијата е неиздржана, имаме повеќе сработено за две години за разлика од нивните седум години
Тој рече дека некој се обидува преку нарушување на угледот на министерот за земјоделство да гради личен рејтинг и да создаде привид на активност.
Опозиција која е безидејна, на која ѝ недостига сериозна конструктивност за да биде коректор на власта и која се соочува со внатрешни проблеми, сметам дека оваа интерпелација е неиздржана, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со поднесената интерпелација.
Препорачано
Тој рече дека некој се обидува преку нарушување на угледот на министерот за земјоделство да гради личен рејтинг и да создаде привид на активност.
-Имаме доволно аргументи со кои ќе се соочиме и ќе покажеме што е сработено во изминатите две години, за разлика од нивните седум години – додаде тој.
Љупчо Николовски, пратеник на СДСМ денеска на прес-конференција изјави дека пратеничката група на СДСМ, сите пратеници и коалицијата се потпишале на интерпелација за работата на министерот Трипуновски.
-Покрај барањата на синдикатите, здруженијата и економско-социјалните партнери, кои јасно и гласно бараат оставка, денеска ова е и наша граѓанска обврска и должност како пратеници да иницираме постапка за интерпелација, да се изнесат сите факти и аргументи и да направиме сè овој министер да си замине. Ова е интерпелација поднесена од нашата пратеничка група и тоа за еден од најнеспособните министри – човек кој наместо да ги штити земјоделците, ги понижува, ги осиромашува и им се заканува. Сите тоа јавно и јасно го зборуваат. Интерпелацијата ја поднесуваме поради сериозни, континуирани и веќе процесуирани случаи на системска корупција невидена досега, злоупотреба на службената положба, кршење на законите и обврските на министерот дефинирани во законите, како и сериозно нарушување на функционирањето на Министерството и институциите во ресорот што го води – истакна Николовски.
СДСМ му поднесе интерпелација на „првиот земјоделец“, Цветан Трипуновски


