Триесетина ученици од „Димо Хаџи Димов“ со симптоми на труење, петмина се во болница, ИЈЗ утре ќе ги соопшти резултатите
Инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство влегоа во девет основни училишта во Карпош кои со храна се снабдувале од „Ванила фуд“, добавувачот на храна во училиштето „Димо Хаџи-Димов“
По вчерашната информација дека ученици од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во населба Влае пред два дена пројавиле симптоми на труење и стомачни болки, по што вчера беше затворена училишната кујна и на терен излегоа инспектори од повеќе државни инспекторати, денеска директорот на Клиниката за детски болести Реџеп Мемеди изјави дека има три нови деца кои се хоспитализирани, односно заклучно со денеска пет ученици се примени на болничко лекување.
Препорачано

Петмина ученици се хоспитализирани
Уште три деца од ОУ „Димо Хаџи Димов“ примивме синоќа на Клиниката за детски болести. Вкупно пет имаме на болничко лекување, информира Мемеди.
Тој посочи дека сите се со слична клиничка слика и симптоми сомнителни на стомачно труење – со стомачна болка, повраќање, некои од нив имаат дијареа и зголемена температура и додаде дека има уште неколку деца со поблаги симптоми кои вчера биле прегледани на Клиниката, а по прегледот биле пуштени на домашно лекување и денеска биле на контрола.
Сите деца добиле соодветен медицински третман и потребна грижа. Тие се во значително подобрена здравствена состојба. Сите се стабилни, изјави директорот.
Екипа на „Слободен печат“ денеска беше до училиштето, но не успеа да разговара со директорката Лејла Николоска бидејќи, како што нè информираа, била на важен состанок кој можел да трае со часови. Сепак успеавме да забележиме дека овластен добавувач на училиштето со храна е токму фирмата за која се шпекулираше, „Ванила фуд“ – нејзиното име е на влезната врата од училиштето.

АХВ со инпекции во девет училишта со истиот добавувач на храна
Инспекциски тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), пак, денескa спроведуваат вонредни инспекциски контроли во кујните на девет основни училишта во општина Карпош, каде добавувач со храна е токму фирмата „Ванила фуд“, која досега добавувала храна и за кујната во „Димо Хаџи Димов“.
Во рамки на превентивните вонредните контроли во овие училишта, каде нема деца кои појавиле симптоми на труење со храна, се земаат мостри од храна и од работните површини за лабараториско тестирање. АХВ ги чека резултатите од тестирањата на земените примероци храна и од работните површини во рамки на вчерашната вонредна инспекциска контрола која заедно ја спроведоа инспектори за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот здравствен и санитеран инспекторат (ДСЗИ) и Ценатрот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), наведено е во соопштението од АХВ.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, вчера изјави дека веднаш е постапено по сите протоколи и дека се земени мостри и од водата која ја пијат децата во училиштниот објект.
„Земени се мостри од буквално сè што ни е во интерес, а тоа се брисеви од луѓето кои работат во кујната, од раце, грло и нос. Земени се брисеви и од работни површини, мостри од храната што ја консумирале децата. На наше инсистирање зедовме и од водата“, рече Андоновска.
Во однос на резултатите и точниот број на деца кои пројавиле симптоми, денеска градоначалникот на Карпош пред координативниот состанок во Град Скопје, изјави дека според неговите последни информации, 30-тина деца пројавиле симптоми на труење и стомачни тегоби, земени се брисови, но резултатите од испитувањата ќе бидат завршени утре, согласно информацијата од ИЈЗ дека се потребни 48 часа од земањето на примероци за да бидат целосно испитани.

Лукровски: Да не се шпекулира, 30-тина деца пројавиле симптоми
Во јавноста се шират шпекулации во однос на бројот на заболени деца, 80, 90, 100… и тие бројки се неточни. Иако има 80-тина ученици кои се отсутни од наставата, според моите информации околу 30 деца пројавиле симптоми на труење или што и да е, но некои од нив не биле корисници на храна од училиштето и можеби се заболени од вирус.
Затоа е најдобро да ги почекаме резултатите од испитувањата за кои треба да поминат 48 часа од земањето примероци. Јас денеска двапати телефонски разговарав со директорката на училиштето, која ме информираше дека нема нови деца кои пројавиле симптоми и дека денеска се одржува настава во училиштето, а зголемениот број отсутни деца е веројатно превентивна одлука на нивните родителите поради оваа ситуација, изјави Лукровски.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) вчера ја затвори кујната во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, откако пред два дена десетици ученици се пожалиле на стомачни болки, а од ИЈЗ најавија дека утре во 13.30 часот ќе ги соопштат резултатите од тестирањата.
Синот на премиерот Мицкоски е меѓу децата затруени во училиштето во Влае


