ОУ „Димо Хаџи Димов“ / Фото: Општина Карпош

Десетици ученици се затруле со храна во скопското училиште „Димо Хаџи Димов“

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, денеска спроведуваат вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот со храна во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Скопје.

Акцијата следи по утринското известување дека поголем број ученици се пожалиле на стомачни болки, информираат од АХВ.

-Со цел утврдување на изворот на евентуално труење со храна, кујната во училиштето е привремено затворена. Согласно Националниот протокол за постапување при сомнеж за труење со храна, ќе се спроведе епидемиолошка анкета, а ќе бидат земени мостри од инкриминирана храна, работни површини,  прибор и машини за лабораториско тестирање – информираат од Агенцијата.

Од АХВ соопштуваат дека по завршување на контролата, јавноста ќе биде информирана за резултатите и изречените мерки.

Директорката на училиштето, Лејла Николоска, за „Мета“ изјави дека станува збор за околу 40 деца.

„Вчера децата за појадок имаа корнфлекс со млеко, а за ручек јадеа мусака. Се работи за деца од одделенска настава кои имаат топол оброк и се во целодневна настава. Во текот на вчерашниот ден откако си заминале дома, пројавиле симптоми на болки во стомакот. Некои од нив родителите ги однеле на лекар. Не можам прецизно да кажам а колку деца се работи, иако засега се околу 40, попрецизни бројки ќе имаме откако ќе го видиме бројот на отсуства денеска. Во нашето училиште храна подготвува „Ванила фуд“. Не би сакала да прејудицирам дали причинител за труењето е храната или некоја бактерија од работните површини, ќе видиме што ќе покажат анализите“, вели Николоска.

Родител на затруено дете за „Мета“ изјави дека знае за најмалку осум деца кои се примени во болница со тешки симптоми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот