Затворена е кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, откако се затруја 40 ученици
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ја затвори кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, откако поголем број ученици се пожалиле на стомачни болки. ДСЗИ нареди и вонредно чистење и вонредни здравствени прегледи на вработените во училиштето, а земени се и мостри од работните површини.
Препорачано
Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов изјави дека кујната е затворена, како потенцијален извор на зараза, а издадено е решение за забрана за работа, во кое се наложуваат и мерки кои треба да ги преземе операторот, односно вонредно чистење, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција и спроведување вонредни здравствено-хигиенски мерки за вработените.
На прашањето за бројката на деца кои пројавиле симптоми, Лазов рече дека по констатирањето на фактичката состојба ќе бидат изнесени поконкретни информации и дека повеќе деца се јавени на преглед.
Агенцијата за храна и ветеринарство утрово соопшти дека во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, спроведуваат вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот со храна во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Скопје.
-Со цел утврдување на изворот на евентуално труење со храна, кујната во училиштето е привремено затворена. Согласно Националниот протокол за постапување при сомнеж за труење со храна, ќе се спроведе епидемиолошка анкета, а ќе бидат земени мостри од инкриминирана храна, работни површини, прибор и машини за лабораториско тестирање – информираат од Агенцијата.
Од АХВ соопштуваат дека по завршување на контролата, јавноста ќе биде информирана за резултатите и изречените мерки.


