фото: EPA-EFE/ALI HAIDER

Трибина на стадионот на Манчестер сити ќе го носи името на Гвардиола

Манчестер сити објави дека од недела северната трибина на стадионот „Етихад“ ќе го носи името на Пеп Гвардиола, кој истиот ден последен пат ќе го води тимот од клупата и така ќе стави крај на својата десетгодишна ера меѓу „граѓаните“.

Новоизградената и проширена северна трибина, на иницијатива на претседателот на клубот Калдун Ал Мубарак, ќе го носи името „Трибина Пеп Гвардиола“, а раководството на клубот ја донело оваа одлука во чест на легендарниот стратег кој му донесе 20 трофеи на англискиот шампион.

Трибината за првпат целосно ќе биде отворена за навивачите во недела, на последниот натпревар сезонава против Астон вила, кој воедно ќе биде и последен меч на Гвардиола на клупата на Сити.

Надградбата на северната трибина на „Етихад“ започна кон крајот на 2023 година, а од недела нејзиниот капацитет ќе биде зголемен за дополнителни 7.000 седишта, со што вкупниот капацитет на стадионот ќе изнесува 61.000 места.

„Останав без зборови. Калдун ми се јави и ми кажа дека клубот ја донел таа одлука. Му реков дека немам зборови. Сакам да чувствувам дека мојата енергија ќе биде тука засекогаш. Во тешките моменти, кога некој ќе погледне таму и ќе го види Пеп, ќе ја испратам својата енергија кон тимот и клубот. Ова е една од најголемите почести што можам да ги добијам. Само сакам да му се заблагодарам на клубот. Мојот татко ќе биде тука во недела, има 94 години и ќе дојде да го гледа натпреварот. Неверојатна чест е што неговото презиме ќе стои овде. Навистина останав без зборови“, изјави Гвардиола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот