Три медали за македонските каратисти на Светските Универзитетски игри во Самсун

Македонската универзитетска карате репрезентација во Самсун, Турција/фото: Bosko Zaborski

Македонскиот универзитетски карате тим се закити со три медали на Светскиот куп на боречки спортови во Самсун, Турција. Македонската машка репрезентација е светски вицешампион, успеа да го освои сребрениот медал откако загуби од Јордан во финалната борба со резултат 1-3. Нашата екипа беше во состав: Петар Спасеновски, Давид Петков, Димитар Илиевски, Глигор Петков и Петар Заборски.

Нашиот тим во женска конкуренција исто така настапи во финалето и загуби со резултат 0-2 од репрезентацијата на Хрватска. Женскиот тим настапи во состав Ангела Мојсовска, Викторија Јовановска , Марија Петровска и Моника Пендаровска.

На ова првенство освоени се вкупно два сребрени медали во екипните настапи во дисциплината борби во најтешката дисциплина екипно борби за мажи и жени, и еден бронзен медал во поединечна конкуренција борби од страна на спортистот Давид Петков -67 кг.

Во поединечна конкуренција Петков во борбата за бронзата го совлада украинскиот репрезентативец Јановски Давид со резултат 1-0. Ангела Мојсовска -68 кг, Викторија Јовановска -61 кг и Марија Петровска -55 кг завршија како петтопласирани во своите тежински категории, сите загубија во борбите за бронзени медали.

– Задоволни и горди сме од постигнатиот спортски резултат. Успеавме да освоиме два сребрени и еден бронзен медал и секако три високи пласмани на петтото место. Тоа е доказ дека ние имавме одличен настап и на ова големо натпреварување од страна на сите наши избраници. Ова е селекција веќе е докажана како многу квалитетна и продолжува да не радува со постигнување на големи спортски резултати. Со малку среќа, ние можевме да имаме и дуплиран број на медали. Тоа значи дека го поседуваме квалитетот на високо технички дотерани и подготвени врвни натпреварувачи и сега само треба да го чекаме моментот кога секој од нив ќе биде медалист на некое следно првенство.

Сакам да истакнам дека оваа генерација на каратисти во машка конкуренција се издвојуваат како најуспешна студентска генерација, бидејќи тие се единствени кои успеале да бидат три пати финалисти во дисциплината екипно борби. Двапати успеваат на Eвропските Универзијади првично во Загреб, каде што успеаја да го освојат најнапред европскиот сребрен и по две години и златен медал на следните универзитетски игри во Лоѓ, а сега еве успеваат да станат и сребрени медалисти на еден светски натпревар во карате спортот – изјави Бошко Заборски, селекторот на македонската универзитетска карате репрезентација.

Видео на денот