ФОТО | Три бои на јајца што мора да ги имате за Велигден – носат силна и моќна симболика
Црвената боја е најважна кога зборуваме за велигденски јајца, но уште две заедно со неа ја прават моќна симболична целина и се многу важни за оние што сакаат да го задржат духот на традицијата и подлабокото значење на празникот што е Велигден.
Препорачано
Боењето јајца е еден од најубавите обичаи поврзани со Велигден, најрадосниот и најголемиот празник во христијанството, а иако денес постојат многу популарни нијанси и техники, одредени бои имаат посебно место во традицијата.
Станува збор за боите на велигденските јајца, за кои се верува дека треба задолжително да се најдат на велигденската трпеза бидејќи заедно носат силна симболика на вера, страдање и обнова.
Најважни се, секако, црвените јајца, а тоа е и бојата на чуварот на куќата, првото обоено јајце пред Велигден, кое го штити домот и семејството преку целата година, а со нив постајат уште две бои што се – задолжителни.
Црвена – симбол на животот и жртвата
Црвената е најважната велигденска боја и секоја година задолжително ја краси секоја трпеза, а постојат повеќе природни трикови за вапсање јајца во црвена боја. Таа ја симболизира крвта на Христос, но и животот, силата и победата над смртта.
Според легендата, по воскресението на Христос, Марија Магдалена отишла по светот да ја рашири веста за тоа и дури стигнала до Рим. Таму успеала да дојде до римскиот император Тибериј, кога застанала пред него држејќи обично бело јајце во раката. Таа извикала:
Христос воскресна.
Тибериј се насмеал на ова и рекол дека можноста Христос да воскреснал е еднаква на можноста јајцето во раката на Марија да стане црвено. Истиот момент јајцето станало црвено.

Виолетова – симбол на авторитет, кралство и страдање
Виолетовата боја се поврзува со духовноста, покајанието и достоинството, па затоа има посебно место во периодот на постот и Страсната недела. Во христијанската симболика, таа често го означува Христовото страдање, но и верата и внатрешната сила.
Јајцата обоени во оваа нијанса внесуваат подлабока, посвечена нота на празничната трпеза и потсетуваат на сериозноста и значењето на деновите што претходат на Велигден.
Виолетовата боја во минатото се сметала и за симбол на авторитетот и кралството, бидејќи во античко време била исклучително ценета стока што тешко се набавувала бидејќи тешко се наоѓала во природата, па затоа морала да се добие со посебни методи на обработка на ткаенини. Бидејќи била скапа, ја носеле богатите и аристократите, па почнала да претставува симбол на моќта, богатството и влијанието.

Бела – чистота и нов почеток
Белата боја симболизира невиност, светлина и воскресение и претставува нов почеток и духовно прочистување, што е суштината на Велигден.
Јајцата во оваа боја, без разлика дали се природни или избелени со посебен метод, празни или имаат некои декорации, внесуваат рамнотежа меѓу посилните бои и ја нагласуваат идејата за обнова и надеж.



