Третпат почнува судењето за Јалдз Веапоска која остана без матка, јајник и бубрег во Струга

Јалдиз Веапоска пред судот во Струга/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во кривичниот суд Струга, денеска по трети пат почнува судењето каде оштетена е Јалдз Веапоска, родилката која во струшката болница при царски рез остана без матка, бубрег и јајник. Случајот го откри „Слободен печат“ на 15 јануари 2021 година, а денеска по третпат ќе почне судскиот спор каде обвинети се гинекологот и поранешен директор на струшката болница, доктор Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и докторката Лилјана Јованоска. Во меѓувреме, додека се чека судскиот исход, Веапоска остана и без жолчка.

За судија во предметот кој ќе почне по третпат е назначен Јордан Јованов. Веапоска има вештачење изготвено од Институтот за судска медицина во Скопје. Одбраната исто така има изготвено вештачења за одбрана на лекарите кои беа презентирани на минатите рочишта но кај други судии.

Се почнало на 27 август 2020 година, кога Јалдз Веапоска без компликации во бременоста, била упатена од Дебар во Општата болница во Струга да ѝ биде извршен царски рез. Откако се разбудила од операцијата, добила големи стомачни болки.

-Стомакот ми беше толку отечен, што бремена бев помала отколку кога се породив. Чувствував дека целото тело ме боли по операцијата. Одбив да одам дома, освен ако не сакаат со кревет да ме извадат од болницата. Анализите што ми ги направија тогаш беа катастрофа, изјави Веапоска за „Слободен печат“.

Бидејќи при исписот од болницата паднала во епидермички шок, морало да биде транспортирана на скопскиот Клинички центар каде ѝ бил спасен животот.

– Дојде да ме зема маж ми, сестрите ми рекоа да си го спремам бебето, а јас не можев да стојам на нозе. Ми велат, зошто глумиш. Во тој момент се покажа дека не глумам, затоа што паднав во шок, се тресев цела, пискав, плачев. Му се јавив на сопругот, барај доктор, му реков, јас умирам. Му рекле на сопругот дека ништо не ми било, тоа ми било од колкот. Откако паднав во шок, ме ставија во сала, ми извадија матка, бубрег, јајчник и ме пратија речиси умрена во Скопје. Не знаев ништо, подоцна разбрав на приватен преглед во „Систина“ дека имам еден јајчник. Можете да замислите каква бев – раскажуваше вознемирената Веапоска за „Слободен печат“ во 2021 година.

Таа тврди дека ѝ се извадени здрави органи и бара да се санкционираат лекарите од струшката болница поради лекарска грешка. Лекарите се бранат во суд дека со својата интервенција ѝ го спасиле животот на Веапоска и дека вадењето на органите било неопходно.

Таа најмила адвокат од Скопје и решена е да ја бара правдата дури и до судот во Стразбур доколку во Македонија не успее.

– Имам цела документација од матичен лекар дека никогаш немам боледувано од бубрег, дека никогаш не сум имала проблеми со песок или камења. Тетка ми е сведок дека ни побараа мито кога се породив. Ме имаат пуштено за Скопје умрена. Ова е сигурно лекарска грешка и нема како да се покрие. Но, никој не реагира. Барам да си даде отказ или да му се одземе лиценцата, а јас кривично ќе го гонам на суд. Ако нема тука правда, ќе го носам до Стразбур. Иако работев осум години како медицинска сестра и се имам борено за животот на пациентите, сега самата при стапнување во болница добивам панични напади – раскажува Веапоска.

Лекарската комора по својот извршен стручен надзор не констатираше пропусти. Државниот здравствен и санитарен инспекторат изврши инспекциски надзор и му ја затвори дивата ординација на гинекологот Мухамед Асани што ја имал дома, а каде претходно ја прегледувал Веапоска и уште неколку жени кои тоа го потврдија со нотарски изјави. Породувањето за кое се одвива спорот во судот во Струга, е извршено во Општата болница Струга, односно во државната струшка болница која на ниеден начин не е поврзана со дивата ординација што лекарот ја имал дома и која му е затворена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот