ВИДЕО: Одложено судењето против струшките лекари, Јалдз Веапоска додека чека правда остана и без жолчка

Јалдиз Веапоска пред судот во Струга/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во Основниот суд во Струга денеска по трет пат беше одложено судењето на тројцата лекари од струшката болница кои во 2020 година при породување со царски рез на дебарчанката Јалдиз Веапоски, и ги извадија матката, јајникот и бубрег. На обвинителна клупа се директорот на струшката болница и гинеколог доктор Мухамед Асани, неговиот син д-р Блертон Асани и уште една лекарка гинеколог од истата болница, со обвинение дека при укажување на лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентката со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба.

На денешното рочиште се очекуваше да сведочи медицинска сестра која била присутна во болницата во Струга кога Веапоска се лекувала. Но, расправата се одложи.

Веапоска која со години чека правда за нејзиниот случај рече дека трет пат се одложува рочиштето за овој случај и дека во меѓувреме, уште еднаш била оперирана и овој пат и е извадена жочката. Таа освен физичка трпи и психичка болка, поради што се лекува и на Психијатрија.

-Ќе бега ама ќе видиме до кога, му се обрати Јалдз Веапоска на доктор Мухамед Асани на излегување од судница додека тој бегаше од новинарските камери.

-Постапката се одолговлекува од самиот почеток, од Лекарската комора , преку Министерството за здравство и сега во судот. Постапката се одложува, но еден ден ќе дојде крајот, правда мора да има.  Не сум се соочила со ниту еден доктор, тука се соочуваме, рече Веапоска и нагласи дека сака д-р Асани законски за одговара за нејзиниот случај.

-Сметам дека ова е само одлагање и купување на време. Лекарската комора го донесе извешптајот дека лекарот нема лекарска грешка, а јас после тоа имав уште една операција на жолчката. Влошено ми е здравјето и психичко и физичко. Се лекувам на Психијтарија, рече Веапоска, видно разочарана по третото одложување на рочиштето во струшкиот суд.

Судење за случајот со родилката од Дебар Јалдз Веапоска/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Судењето се одложи за 9 мај поради хируршка интервенција на адвокат на обвинетите.

Адвокатот на оштетената Веапоска, Сашо Јанев по излегувањето од судницата,  го коментираше денешното одложување на рочиштето.

-Како адвокат го познавам адвокатот на третообвинетата како чесен адвокат и верувам дека навистина е на оперативен зафат и му посакувам брзо оздравување. Секој адвокат има своја тактика, искрено не верувам дека ова е дел од тактиката сепак премногу време одминува по однос на ова судење. Очекувам од следното рочиште да се забрза целокупниот процес и ќе дојдеме до првостепена пресуда во најбрз можен рок, рече Јанев, адвокатот на Веапоска.

Тој го коментираше и најавеното сведочење на медицинска сестра од болницата во Струга, на покана на обвиниелството, но до тој исказ не дојде поради одложувањето на рочиштето.

-Тука се судривме по однос на толкувањето на законот со судијата кој го води предметот.  Судот е на мислење дека полномошникот на оштетената нема право по закон да поставува прашања. Можеби до некаде е во право во однос на јасноста на законот, но јас како полномошник на оштететата убеден сум дека имам право да поставувам прашања, но сепак диспозицијата на одлуката во овој процес е секогаш на страната на судија, тој го дава последниот збор, рече адвокатот на Веапоска.

Тој рече дека се уште ги нема на увид исказите на сведоците зошто постапката ја води јавниот обвинител и Веапоска има процесни права како оштетена но, не е странка во постапката и тоа понекогаш знае да создаде мали нејаснотии, рече Јанев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот