Трансплантација/ Фото:Министерство за здравство

Трансплантирани црн дроб и бубрег кај двајца пациенти од починат донор

Министерството за здравство денеска соопшти дека се извршени трансплантација на црн дроб кај 67-годишен пациент и бубрег кај 51- годишна жена откако семејство на починато лице донело одлука да ги донира неговите органи.

Во соопштението се посочува дека во најтешкиот момент, едно семејство донело одлука што значи живот. Со нивната хуманост и несебичност, спасен е човечки живот преку трансплантиран црн дроб на 67 годишен пациент, а на уште една пациентка на 51 годишна возраст и е подарена нова шанса за поквалитетен живот со трансплантација на бубрег. Пациентите се во добра општа состојба и се пуштени на домашно лекување, посочуваат од Министерството.

Овие медицински интервенции се воедно и приказни за надеж, за солидарност, за највисок чин на алтруизам. Нема поголем чин од тоа во момент на болка да подарите живот. Ова семејство покажа што значи вистинска хуманост, нивната одлука ќе живее преку тие на кои им е дадена нова шанса. Огромна благодарност на семејството на донорот за овој хуман чин, по загуба на нивен член од семејството, вели министерот за здравство, Азир Алиу.

Трансплантација/ Фото:Министерство за здравство

Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска изразува огромна благодарност за семејството без чија согласност немаше да биде можно да се извршат овие трансплантации.

Зад секоја трансплантација стои човечка приказна. Овој пат е приказна за храброст и дарување живот. Тоа е највисокиот чин на солидарност што едно општество може да го има – вели проф. д-р Кузмановска.

Министерството за здравство се заблагодарува на координаторите за трансплантација и сите медицински екипи од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, Клиниката за дигестивна хирургија, Клиниката за урологија, Клиниката за гастроентерохепатологија, Клиниката за нефрологија и Институтот за трансфузиологија за нивната посветена и неуморна работа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот