Национална гарда во САД, Чикаго - Извор Х,

Трамп се заканува дека ќе ја распореди Националната гарда во Сан Франциско

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја испрати војската – единици на Националната гарда – во Сан Франциско , како што нареди во другите големи градови под контрола на демократите, за време на интервјуто што се емитуваше во неделата, пренесува Њујорк тајмс.

„Одиме во Сан Франциско“, изјави претседателот за новинар на „Фокс њуз“ кога го прашаа дали калифорнискиот град ќе биде следен на неговата листа.

Откако се врати на власт, Доналд Трамп ја испрати војската во Лос Анџелес, Вашингтон и Мемфис, и покрај ставот на локалните демократски избрани функционери, во она што тој го нарече начин за сузбивање на нелегалната имиграција и криминалот. Неговите постапки беа жестоко критикувани од опозицијата.

Распоредувањето на трупи во Чикаго и Портланд е запрено од судиите кои пресудија дека нема веродостојни докази што би го оправдале таквото решение.

„Разликата (со Чикаго) е што во Сан Франциско нè сакаат“, рече вчера републиканскиот претседател, без да прецизира на кого мислел.

Марк Бениоф, претседател и извршен директор на ИТ гигантот „Сејлсфорс“ со седиште во Сан Франциско, неодамна изјави дека верува оти војската треба да биде распоредена во градот, но градоначалникот демократ Дејвид Лури и други локални претставници изразија противење на каква било таква мерка.

Марк Бениоф оттогаш се повлече и се извини.

Претседателот Трамп, исто така, вчера ја повтори својата закана дека ќе прогласи национална вонредна состојба за да продолжи распоредувањето на војската, што беше критикувано од опозицијата и организациите за граѓански, политички и човекови права.

„Не заборавајте, можам да го искористам Законот за бунт“, рече тој, осврнувајќи се на пакет закони што датираат од далечното минато, а кои предвидуваат интервенција на вооружените сили против американските граѓани.

Националната гарда, резервен корпус, е обучена и може да биде распоредена за да реагира на природни катастрофи, како и во воени операции во странство.

Кон крајот на септември, Доналд Трамп им рече на публиката составена од врвни американски воени офицери дека „некои од овие опасни градови“ би можеле да послужат како „тренинг“ за воен персонал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот