Доналд Трамп / Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Трамп: Ако продолжи убивањето христијани, ќе има нови удари врз Нигерија

Американскиот претседател во интервју за „Њујорк тајмс“ изјави дека САД би можеле да продолжат со воздушни напади доколку, според него, не престане убивањето на христијаните, додека нигериските власти тврдат дека операциите против џихадистите немаат религиозна позадина.

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека би можел да нареди дополнителни воздушни удари врз Нигерија доколку, како што наведе, „продолжи убивањето на христијаните“ во таа западноафриканска земја, објави „Ројтерс“.

Во обемно интервју за „Њујорк тајмс“, Трамп беше прашан дали воздушните удари изведени за Божик во северната нигериска сојузна држава Сокото, насочени против исламистички милитанти, се дел од поширока воена кампања.

„Би сакал тоа да биде еднократен удар. Но, ако продолжат да убиваат христијани, тоа ќе бидат повеќекратни удари“, изјави Трамп.

Владата на Нигерија претходно ги отфрли обвинувањата на Трамп дека не ги штити христијаните од џихадистички напади, истакнувајќи дека мети на насилството се „муслимани, христијани и оние без верска определба“.

Организации кои го следат политичкото насилство во Нигерија наведуваат дека мнозинството жртви на џихадистичките групи се муслимани, иако во одредени десничарски кругови во САД од минатата година се зборува за наводен геноцид врз нигериските христијани.

Запрашан за тие тврдења, Трамп изјави дека смета оти „во Нигерија се убиваат и муслимани“, но додаде дека „претежно се христијани“.

Портпаролот на нигерискиот министер за надворешни работи не ја коментираше директно можноста за нови воздушни удари, но порача дека Нигерија „ќе продолжи со конструктивен дијалог и соработка со партнерите, вклучително и Соединетите Американски Држави, со почитување на меѓународното право и суверенитетот на Нигерија“.

„Нигерија останува посветена на заштитата на сите граѓани, и христијани и муслимани, без дискриминација“, изјави Алкасим Абдулкадир.

Нигерија, со повеќе од 230 милиони жители, е приближно рамномерно поделена меѓу христијаните, кои претежно живеат на југот, и муслиманите, кои главно го населуваат северот на земјата. Североистокот на Нигерија веќе 15 години ги трпи последиците од исламистичката побуна на групи како Боко Харам и организации поврзани со таканаречената Исламска држава, пред сè во сојузната држава Борно.

Божиќните воздушни удари на САД беа насочени кон два кампа на џихадистичката група Лакурава во мнозински муслиманската држава Сокото, на северозападот на Нигерија, во близина на границата со Нигер. Сè уште не е познато дали имало жртви, бидејќи ниту американските, ниту нигериските власти не објавија податоци за последиците од нападите.

Нигерискиот министер за надворешни работи Јусуф Маитама Тугар претходно изјави дека станува збор за заедничка операција и дека таа „нема никаква врска со религијата“, додавајќи дека операцијата имала согласност од претседателот на Нигерија, Бола Тинубу, како и учество на нигериските вооружени сили. Трамп, меѓутоа, наведе дека нападите ги наредил како „божиќен подарок“.

ВИДЕО | Божиќен удар на САД врз терористите на ИСИС во Нигерија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот