Тотенхем го одби барањето на Канје да настапи на нивниот стадион поради неговите антисемитски испади
Фудбалскиот клуб Тотенхем Хотспур го одбил барањето на Канје Вест да настапи на нивниот стадион, поради неговите контроверзни антисемитски испади и историската поврзаност на клубот со еврејската заедница во Лондон.
Препорачано
Клубот нагласи дека нема место за антисемитизам, а одбивањето се случило пред тој да го договори својот настап на фестивалот Вајрлес, што предизвика негативни реакции и повлекување на спонзори.
Поради неговиот ангажман на фестивалот, Пепси вчера го повлече своето спонзорство во знак на протест против неговиот настап, кој е закажан за три вечери во јули. Одлуката следуваше откако Сан он Сандеј објави дека лидерот на лабуристите, Кир Стармер, изјавил дека е „длабоко загрижувачки“ што Вест е ангажиран и покрај неговите претходни антисемитски изјави и величење на нацистичкиот лидер во песна.
Еден извор ја открил позадината на преговорите.
„Тимот на Канје сакаше да организира серија концерти во Лондон уште пред да го разгледаат Вајрлес. Сметаа дека, како дел од неговото големо враќање на музичката сцена, заслужува низа големи настапи, а стадионот на Тотенхем им беше прв избор. Но, кога се обратија до клубот, беа одбиени“, изјавил изворот.
„Со оглед на историјата на клубот и неговите врски со еврејската заедница, немаше никаква шанса да му дозволат настап на Канје. Дури потоа се обратија кај организаторите на Вајрлес, кои ја прифатија понудата“, додал тој.
„Сан“ минатиот месец објави дека 48-годишниот Вест ќе биде главен изведувач сите три вечери на фестивалот во Финсбери парк во северен Лондон. Овие настапи треба да бидат негови први концерти во Обединетото Кралство по Гластонбери во 2015 година. Сепак, сè погласни се повиците целосно да му се забрани влез во земјата, во услови на пораст на антисемитски инциденти.
Синоќа и компанијата „Дијагео“, сопственик на брендови како Капетан Морган и Џони Вокер, го повлече своето спонзорство. Во кратка изјава, нивниот портпарол порача:
„Ги информиравме организаторите за нашата загриженост и, според моменталната состојба, ‘Дијагео’ нема да биде спонзор на Вајрлес фестивалот во 2026 година.“
Вест претходно се извини за своите изјави, припишувајќи ги на неговото биполарно нарушување. Во мај 2025 година ја објави песната „Хајл Хитлер“ по повод 80-годишнината од поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна. Песната е забранета на сите поголеми стриминг платформи.


