Фото: „Тему“

Тинејџер во Нов Зеланд голтнал 100 магнети, завршил без дел од цревата

Лекарите во Нов Зеланд морале да отстранат дел од цревата на 13-годишно момче откако проголтало десетици силни магнети купени од популарна онлајн платформа, објави „Индепендент“.

Момчето проголтало околу 100 мали, високомоќни магнети што ги нарачало преку „Тему“, иако продажбата на такви предмети за лична или домашна употреба е забранета во земјата уште од 2014 година.

Хирурзите го нарекле случајот „загрижувачки“ поради тешкотијата во спроведувањето на забраната бидејќи онлајн продавниците им овозможуваат на децата лесен и евтин пристап до ваквите производи.

„Презентираме случај на 13-годишно момче примено во болница поради четири дена општи болки во стомакот. Тој признал дека голтнал приближно 80 до 100 високомоќни (неодиумски) магнети со големина 5 спрема 2 милиметри, околу една недела претходно, купени од странска онлајн продавница (Тему),“ известуваат лекарите од болницата Тауранга.

Неодиумот е редок метал што се користи за производство на најсилните достапни магнети, кои може лесно да се купат преку интернет.

Кога се проголтани, тие магнети можат да направат дупки во цревата и да предизвикаат животозагрозувачки последици, предупредуваат лекарите.

„Кога ќе се проголтаат, овие магнети можат да се прилепат еден за друг преку ѕидовите на цревата, создавајќи фистули – ненормални врски меѓу делови во телото, или, пак, дупки во цревата,“ објаснува педијатрискиот гастроентеролог Санприт Каур.

„Овие магнети можат да направат сериозна штета, да бараат хируршка интервенција или дури да предизвикаат смрт,“ се вели во блог објава на Универзитетот во Калифорнија – Дејвис.

„Претпазливо, топчињата се шарени и затоа се привлечни“

Истражувачите велат дека најновиот случај треба да послужи како предупредување за опасностите од онлајн пазарите за деца.

„Сметаме дека овој случај ги истакнува опасностите од онлајн платформите кај детската популација,“ напишале лекарите.

Ваквите магнети честопати се продаваат како играчки за создавање фигури или антистрес предмети, со шарени топчиња кои се особено привлечни за деца.

„За жал, токму затоа што се мали и шарени, децата честопати ги голтаат. Тие се толку опасни што нивната продажба е забранета во одредени случаи и во Австралија и во Нов Зеланд,“ објаснува професорката Алекс Симс од Универзитетот во Окланд.

Новозеландскиот закон ја забранува продажбата на вакви магнети за лична или за домашна употреба, но дозволува нивна употреба во образовни институции или како дел од други производи.

„Проблемот со спроведувањето на законот станува уште поголем кога производите се купуваат преку странски онлајн платформи достапни и за деца, со евтини цени и без проверка на возраста. одителите не треба да дозволуваат нивните деца сами да купуваат предмети на интернет. Сите купувања мора да ги вршат или барем да ги надгледуваат родителите,“ вели д-р Симс.

Компанијата „Тему“ изјавила дека спроведува внатрешна истрага откако дознала за случајот:

„Жал ни е што дознавме за овој инцидент и му посакуваме на момчето целосно и брзо закрепнување. Безбедноста на производите ја сфаќаме многу сериозно и постојано го надгледуваме нашиот пазар за да се осигураме дека продавачите ги почитуваат безбедносните регулативи во земјите каде што работат,“ соопштија од „Тему“.

Од „Тему“ додаваат дека не успеале самостојно да потврдат дека магнетите биле купени од „Тему“.

„По објавувањето на извештајот, стапивме во контакт со ‘Њу зеланд медикал журнал’ за да дознаеме повеќе за случајот. Според уредниците, 13-годишното дете изјавило дека магнетите биле купени од „Тему”, но тоа не успеавме самостојно да го потврдиме. Како мерка на претпазливост, ја прегледавме фотографијата на магнетите објавена во списанието и ги проверивме понудите на слични производи на нашата платформа. Магнетите што моментално се достапни се во согласност со прописите на Нов Зеланд, а такви производи се продаваат и преку други големи онлајн и физички трговци,“ велат од „Тему“.

Иако овие производи се законски дозволени за продажба, додаваат, тие можат да бидат опасни доколку се проголтаат и ние целосно ги поддржуваме напорите за подигање на јавната свест за безбедноста при користење магнети.

„Како посредничка платформа, ‘Тему’ бара од сите продавачи да ги почитуваат важечките закони и безбедносни стандарди и веднаш реагира за отстранување на сите понуди што не се во согласност со нив,“ заклучуваат од компанијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот