Тимоти Шаламе, Џеси Бакли, Стелан Скардард и Тејана Тејлор со своите Златни глобуси / Фото: Profimedia

Тимоти Шаламе го доби првиот Златен глобус, „Хамнет“ и „Адолесценција“ меѓу главните победници

Синоќешното 83. доделување на Златните глобуси го означи почетокот на годинашната холивудска наградна сезона. Церемонијата, на која беа наградени најдобрите филмски и телевизиски остварувања за 2025 година, се одржа во хотелот „Беверли Хилтон“ во Лос Анџелес.

Водителка на вечерта беше Ники Глејзер, која настапи со остар хумор, без да штеди ниту поединци ниту институции. Во воведниот монолог таа се пошегува со Џорџ Клуни, алудирајќи дека треба да ѝ го поправи апаратот за кафе, како и со љубовниот живот на Леонардо Дикаприо, признавајќи дека „удира ниско“, но сепак продолжува со шегата.

Глејзер упати и директни коментари кон американското Министерство за правда, спомнувајќи го начинот на кој се воделе чувствителни истраги, како и кон медиумите, посебно телевизиската мрежа што ја пренесуваше церемонијата, за која иронично рече дека станала „новото место за сомнителни вести“. Дел од нејзините шеги беа насочени и кон Лос Анџелес, за кој рече дека со години не бил вистинска филмска локација, како и кон холивудските елитни кругови, алудирајќи дека присутните ѕвезди се на „листа што е сериозно цензурирана“.

Ники Глејзер / Фото: Michael Tran / AFP / Profimedia

Во филмските категории, наградата за најдобар филм – драма ја освои „Хамнет“ (Hamnet), додека за најдобар филм – мјузикл или комедија беше прогласен „Една битка по друга“ (One Battle After Another). Овие два наслова се издвоија како најуспешни филмски остварувања на вечерта.

Во категоријата за најдобра машка улога во филм – драма, наградата му припадна на бразилскиот актер Вагнер Моура за улогата во филмот „Тајниот агент“ (The Secret Agent), со што тој беше прогласен за најдобар драмски актер на годинашното издание на Златните глобуси.

Еден од најзабележаните моменти на вечерта беше наградата за најдобар актер во мјузикл или комедија, која ја освои Тимоти Шаламе за улогата во филмот „Марти Суприм“ (Marty Supreme). Ова е негов прв Златен глобус во кариерата, а актерот тоа го истакна и во својот говор, нагласувајќи дека признанието има особено значење за него.

Тимоти Шаламе / Фото: Etienne Laurent / AFP / Profimedia

За најдобра актерка во драмска улога беше прогласена Џеси Бакли за „Хамнет“ (Hamnet), додека наградата за најдобра актерка во мјузикл или комедија ја доби Роуз Бирн за „Ако имав нозе, ќе те шутнев“ (If I Had Legs I’d Kick You).

Наградата за најдобра споредна актерка ја освои Тејана Тејлор за „Една битка по друга“ (One Battle After Another), а за најдобар спореден актер беше прогласен Стелан Скарсгард за „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value).

Во режисерската категорија, наградата му припадна на Пол Томас Андерсон за „Една битка по друга“ (One Battle After Another), кој исто така ја освои и наградата за најдобро сценарио.

Актерската екипа на филмот „Хамнет“ / Фото: Etienne LAURENT / AFP / Profimedia

Анимираниот филм „Кеј-поп ловци на демони“ (KPop Demon Hunters) беше прогласен за најдобар анимиран филм, а неговата песна „Golden“ ја освои наградата за најдобра оригинална песна.

На телевизиски план, серијата „Адолесценција“ (Adolescence) ја освои наградата за најдобра мини-серија и неколку актерски признанија, продолжувајќи ја својата успешна наградна низа.

Годинашното издание на Златните глобуси беше обележано и со воведувањето на нова категорија – најдобар поткаст. Наградата ја додели раперот Снуп Дог, а признанието го освои поткастот „Добро дружење со Ејми Полер“ (Good Hang with Amy Poehler), чиј автор и водител е Ејми Полер.

Целосната листа со добитници можете да ја погледнете тука.

Што има во торбата со подароци за „Златен глобус“, вредна милион долари? Погледнете ја листата на сите 35 предмети

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот