Тиквеш Голден Игл непријатно го изненади Пелистер во Битола
Кошаркарите на Тиквеш Голден Игл дојдоа до важна победа над Пелистер (88:82), која ги држи во трката за подобра стартна позиција во вториот дел од сезоната во „МТЕЛ“ Супер лигата.
Препорачано
За гостите од Кавадарци натпреварот во Битола имаше далеку поголемо резултатско значење, особено доколку се земе в предвид дека Пелистер е со осигурено трето место на табелата, додека пак од друга страна, во пресрет на „поделбата“ на прва и втора „шесторка“, за екипата на Тиквеш Голден Игл, секоја победа до крајот на регуларниот дел е и тоа како значајна.
Пелистер имаше контрола над резултатот во три четвртини. По првата четвртина, битолчани водеа со 24:20, на полувремето имаа нешто пониски 46:43, а на крајот од третиот дел, 67:62.
Сепак, на средина од последната четвртина, гостите од Кавадарци поведоа со 77:71. Во тие пет минути кавадарчани направија скор 15-4. И не застанаа, не долго потоа, на три минути пред крајот, имаа и двоцифрена позитива (83:73).
Парсонс беше играчот кој направи двоен ефект во гостинската екипа, имаше 21 поен и 13 скока, Хоукинс реализираше 20 поени.
Во екипата на Пелистер (14-7), имаше дури шесторица „двоцифрени“ кошаркари. Митревски забележа 15 поени (и три скока), Вилсон даде 14 поени (имаше и девет скока), Малешевиќ постигна 14 поени (и пет скока), а Стајиќ, Џенкинс и Дејвис забележаа по 12 коша.


