
Тие пратеници што имаат сертификат „државна тајна“ ќе ги контролираат АНБ и АР на 25 и на 27 март
Собраниската комисија за надзор над Агенцијата за национална безбедност и над Агенцијата за разузнавање, ќе оди во надзор на АНБ и на АР на 25 и на 27 март во 10 часот, со оние членови што имаат безбедносни сертификати со степен „државна тајна“. Ваквиот заклучок го изгласаа членовите на Комисијата денеска во Собранието, со само еден воздржан глас од пратеникот Беким Сали кој рече дека нема аплицирано за безбедносен сертификат и нема добиено таков. Комисијата има 10 членови.
Препорачано
-Дали е полезно да дознаеме колку имаат безбедносни сертификати?, праша пратеникот Сали.

Процедурата за добивање безбедносен сертификат почнува со проверка која трае најмногу 6 месеци, после што следува одлука од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации дали одреден пратеник ќе добие или не безбедносен сертификат. Со седницата денеска претседаваше пратеничката Славјанка Петровска која рече дека ја разбира забелешката на Сали, но дека поради тоа што процедурата од аплицирање до одлука за безбедносен сертификат трае 6 месеци, тогаш тоа би значело дека цел состав 6 месеци не би одел во надзор, што е неприфатливо.
Не беше откриено кој има а кој нема безбедносен сертификат од пратениците што се членови во Комисијата за надзор на АНБ и АР, ама беше кажано дека „мнозинството имаат сертификати“ и така се одлучи надзорите да се спроведат. Првиот ќе биде во Агенцијата за национална безбедност на 25 март во 10 часот, а вториот ќе биде во Агенцијата за разузнавање на 27 март во 10 часот. Претседателот на Комисијата за надзор над АНБ и АР Скендер Реџепи исто така има откриено дека нема безбедносен сертификат.
