Терористичките ќелии во Македонија повторно се будат
По новите апсења и откриените одмазднички мотиви поврзани со „браќата“, повторно се отвора дилемата колку безбедносните служби се навистина подготвени да одговорат на радикалните закани. Дали институциите имаат целосна контрола врз скриените мрежи или реагираат дури кога ризикот веќе е на прагот?
Една година по акцијата со која безбедносните служби разбија терористичка ќелија инспирирана од идеологијата на ИСИС, Македонија повторно се соочува со сериозно безбедносно предупредување. Новата истрага што ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, покажува дека радикалните мрежи не исчезнале, туку се трансформирале и продолжиле да дејствуваат во сенка.
Препорачано
Во јануари минатата година, разузнавачките служби открија група што преку платформата Телеграм регрутирала следбеници, ширела пропаганда и планирала напади врз таканаречени „меки цели“, односно врз јавни објекти и цивилни локации. Во таа акција беа приведени осум лица, а при претресите во Скопје и во Гостивар беа пронајдени огнено оружје, пропаганден материјал и електронски уреди.
Според Министерството за внатрешни работи (МВР), целта била создавање чувство на страв и несигурност кај граѓаните, преку дејствување инспирирано од идеолошката матрица на ИСИС.
Тогашните официјални податоци покажуваа дека од Македонија на боиштата во Сирија и во Ирак заминале 155 лица, од кои 102 се вратиле, 39 биле убиени, а неколкумина сè уште се сметале за странски терористички борци. Дел од тие процеси завршија со правосилни пресуди и со затворски казни.
Една година подоцна, институциите повторно реагираат. Обвинителството во саботата отвори истражна постапка против три лица од Скопје, осомничени за злосторничко здружување и неовластено изработување, држење и тргување со оружје.
Според истрагата, тие се организирале од мотив на одмазда за своите „браќа“, кои претходно биле осудени за учество во терористичка организација.
Надлежните органи наведуваат дека осомничените дејствувале координирано, со заедничка радикална идеолошка определба, и дека постојат сомневања за собирање парични средства од земјава и од странство, нивна употреба за пропаганда на Исламската држава и за набавка на оружје.
При претресите во Скопје беа пронајдени автоматска пушка, пиштоли, муниција од различен калибар, ловна и воздушна пушка, како и рачна димна бомба. Судот им определи 30-дневен притвор.
Случајот отвора сериозно прашање: колку е Македонија навистина безбедна? Безбедносните експерти предупредуваат дека ваквите појави не смеат да се сведат на изолирани инциденти.
Поранешниот разузнавач и професор во пензија од Факултетот за безбедност, Иван Бабановски, вели дека постои реална опасност да постојат и други ќелии во Македонија каде што се кријат џихадисти.
– Kолку од тие џихадисти сѐ уште се кријат во ќелии низ Македонија, никој не знае. Во Македонија има најмногу 260 повратници од разни боишта во Авганистан, Ирак, Иран, Сирија, Либија, и никој не ги контролира тие повратници – објаснува Бабановски за „Слободен печат“.
На прашањето колку нашите безбедносни служби се подготвени да спречат евентуален терористички напад, Бабановски вели дека службите се далеку под нивото на коешто треба да бидат.
– Нашите безбедносни служби се разнебитени, партиски уништени и кадровски не можат да се носат со реалните закани и да ја зачуваат безбедноста на државата и на нејзините граѓани – вели Бабановски.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, пак, за „Слободен печат“ вели дека во споредба со другите држави од Западен Балкан и пошироко, Македонија е една од земјите што е најдобро организирана и поставена во борбата против тероризмот и против процесот на радикализацијата.
– Службите за безбедност имаат целосна контрола на состојбите. Кај нас, барем досега, се спречуваат обидите за подготовка за некакви напади. Сепак, тоа е резултат на работата и посветеноста на службите за безбедност. Денеска имавме седница на Националниот комитет за борба против тероризмот на којашто присуствуваа сите директори на службите за безбедност и општата оцена е дека состојбата во Македонија е мирна и стабилна – вели Трајанов.
Откриена радикална ќелија во Скопје – спремале одмазда за своите браќа


