Термална камера ги лови патниците со температура, тие без симптоми слободно може да го шират вирусот

Иако во лекарските кругови се шпекулира дека ниту екипите на итна помош ниту на Инфективната клиника има скафандери и посебна заштитна опрема, Микиќ вели тоа не е точно.

Загрижува информацијата дека новиот корона вирус кој сее страв и смрт низ Кина може да го шират и пациенти кои се инфицирани, а не се свесни за тоа бидејќи се уште се во фаза на инкубација и немаат симптоми.

Нашите епидемиолози смируваат дека засега нема доволно информации за овој начин на ширење на вирусот, а велат дека ќе се прегледувааат и другите патници ако и во европските држави се појават секундарни случаи, односно инфицирани од вирусот, кои не престојувале во Кина.

-Се уште нема доволно податоци во која мера асимптоматските случаи на новиот корона вирус може да го пренесуваат вирусот на други лица. За да се намали ризикот од внес и ширење на вирусот во земјава Институтот за јавно здравје изготви препораки за патници. Патниците кои доаѓаат од Кина, а немаат симптоми при влез во нашата земја се изготвени посебни препораки/упатства како да постапат ако развијат симптоми во рок од 14 дена по доаѓањето во Македонија – објаснува епиемилогот Владимир Микиќ.

Наспроти ова, д-р Ненад Лазаров вели дека околу 29 отсто од случаите на заболени од овој вирус досега, почнале без покачена телесна температура, ниту сигнификатна симптоматологија која е можно да се констатира на обичен физикален преглед.

-Серологија и РТГ не може да бидат скрининг. Преземените мерки како скрининг на ТТ на аеродромите се т. н. мерки од очај, во ера на глобализација, штит е невозможен – вели д-р Лазаров.
Тој е дециден дека човештвото не е спремно за пандемија, а не пак за смртоносна пандемија.

Од Институтот за јавно здравје објаснуват дека засега во другите земји нема секундарни случаи, односно сите случаи се импортирани, односно внесени од Вухан, Кина.

-Од тој аспект ризикот за внес на случаи од другите земји е исклучително мал. Ситуацијата се следи секојдневно и доколку според епидемиолошките показатели се укаже на потреба за проширување на скринингот истото ќе се спроведе – објаснува Микиќ.

Иако во лекарските кругови се шпекулира дека ниту екипите на итна помош ниту на Инфективната клиника има скафандери и посебна заштитна опрема, Микиќ вели тоа не е точно.

– И службите на брза помош и Инфективна клиника располагаат со соодветна заштитна опрема – вели Микиќ.

Засега е нејасно ниту како ќе се дијагностицира сомнителен случај, односно нема прецизен одговор на прашањето дали во Вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје може да се дијагностицира новиот вирус.

Министерот Венко Филипче најави дека ќе се купуваат реагенси.

– Се водиме според стандардни протоколи и насоки од СЗО за дијагностика според кои постапува лабораторија за вирусологија при ИЈЗ. Набавката на реагенсите се спроведува по итна постапка, согласно Законот за јавни набавки – велат од Министерството за здравство.
Од денеска на скопскиот аеродром се присутни екипи на Центарот за јавно здравје Термо-камера регистрира дали некои патници кои долетуваат од Дубаи или Истанбул имаат висока температура и други симптоми на корона вирусот. Први кои беа скенирани се дел од патниците во авионот од Дубаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот