Тасевски: Ние се подготвуваме за најдоброто сценарио, СВП да се одржат во редовниот термин

Тодорче Тасевски, директор на Струшките вечери на поезијата во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ потврди дека поради пандемијата, спремни се за сите сценарија во врска со одржување на СВП.

-Ние се подготвуваме за најдоброто сценарио, СВП да се одржат во редовниот термин, но секако подготвени сме и за останатите сценарија, следејќи ги состојбите со пандемијата. Со годинешниот лауреат сме во постојана комуникација, преводот на неговата поезија е во подговка.

„Струшки вечери на поезијата“ е дел од „Фестивалот на надежта“- глобална виртуелна поетска иницијатива во организација на „Версополис“, платформа што обединува 30 европски меѓународни поетски фестивали и којашто е поддржана од Европската Комисија со грант за поголема мобилност на младите европски поети, изјави Тасевски.

Дигитален поетски фестивал како одговор на предизвикот од кризата предизвикана од коронавирусот.

-Програмата на Фестивалот на надежта, кој започна со онлајн панел дискусија на четворица поети на 23 април, ќе се одвива целосно онлајн од 24 до 30 април на веб- страницата на Версополис.
Како одговор на глобалната неизвесност предизвикана од пандемијата на Ковид-19, поради која беше невозможно да се одржат многу од поетските фестивали во нивниот вообичаен формат и беа или откажани или одложени, Версополис иницираше организирање на дигитален поетски фестивал.

Освен поетските фестивали што се дел од платформата Версополис, инцијативата ја поддржаа и голем број други поетски фестивали, со обезбедување на содржини од најразличен вид, но со заеднички именител на надежта како движечка сила што го води човештвото во совладување на тешкотиите со кои се соочува. Повеќе од 60 фестивали се јавија како учесници, со исто толку потпрограми, рече Тасевски.

Дигиталната платформа сепак не може да го замени физичкото присуство на поетот.

-Струшки вечери на поезијата (СВП) се приклучи со проектот „Зборови на надеж/ Стихови на надеж“, во чии рамки беа снимени видео обраќања на 8 македонски поети што се дел од вкупната бројка на 20 номинирани поети во платформата Версополис од страна на СВП, почнувајќи од 2014 заклучно со 2020 година.

Поезијата може најлесно да ги премине ограничувањата на ваква пандемија, но поетските фестивали се облици каде поезијата се восприема колективно, во нејзината архаична форма и во таа смисла физичкото присуство на поетот е незаменливо, вели Тасевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот