Тања Кочовска/Фото: Вангел Тануровски

Моќен глас, извонредна театралност и неповторлива харизма: Тања Кочовска денеска го слави својот 58. роденден

Препознатлива по својата енергија, сценска свежина и постојана љубопитност кон уметноста, македонската актерка Тања Кочовска денеска го слави својот 58. роденден. Родена на 21 јануари 1967 година во Скопје, Кочовска повеќе од три децении е едно од најпрепознатливите и најпосветените лица на македонската театарска и телевизиска сцена.

Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на проф. Љубиша Георгиевски, а нејзиниот професионален пат започнува во Драмски театар, Скопје. Веќе во 1993 година таа станува дел од Театарот за деца и младинци, создавајќи низа незаборавни улоги за најмладата, но и за возрасната публика.

Од 2017 година, Кочовска е членка на ансамблот на Македонскиот народен театар, каде што продолжува со со низа актерски остварувања.

Нејзината кариера е исклучително богата, од класичен и современ драмски репертоар, преку мјузикли, до куклен и детски театар, каде што со подеднаква сериозност и страст им пристапува на сите жанрови. Последните години се истакнува со улоги во значајни проекти како „Народен пратеник“, „Горчливите солзи на Петра фон Кант“, „Ангели во Америка“, како и во сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“, со што уште еднаш ја потврдува својата сценска моќ.

Покрај театарот, таа има и впечатлива телевизиска и филмска кариера. Публиката особено ја засака преку серијата „Преспав“, каде што со топлина и хумор создаде лик што стана дел од секојдневието на гледачите.

Нејзината работа е наградена со бројни признанија, од актерски награди на домашни и меѓународни фестивали, до признанијата од публиката, како „Златна бубамара на популарноста“. Но, можеби најголемото признание е континуираната љубов од публиката и почитта од колегите, кои ја препознаваат како актерка со исклучителен интегритет, дисциплина и човечка топлина.

На својот 58. роденден, Тања Кочовска останува симбол на истрајност, љубов кон професијата и уметничка искреност. Нејзината кариера е доказ дека вистинската уметност не познава замор, туку само нови предизвици и нови приказни што чекаат да бидат раскажани.

Филмографија:

1988 Ел камино дел сур ТВ-филм
1990 Македонски народни приказни ТВ-серија
1992 Еурека ТВ-серија
1993 Светло сиво ТВ-филм
1999 Во светот на бајките ТВ-серија
2001 Светот има осум страни ТВ-серија
2001 Во светот на бајките ТВ-серија
2002 Наше маало ТВ-серија
2003 Битолски лакрдии ТВ-серија
2011 Трето па машко ТВ-серија
2018 Година на мајмунот ТВ-филм
2018-2021 Преспав ТВ-серија
2022 Тин Камп ТВ-серија
2024 Убиј ги прво децата ТВ-филм
2025 Бунтовната Принцеза ТВ-филм
2025 Нема да ви се верува што се случи претходно ТВ-филм

ТВ серии:

Стојна (Преспав, 2018);
(Трето па машко, 2011);
(Битолски лакрдии, 2003);
Кармен (Наше маало, 1999 – 2004);
(Во светот на бајките, 1999);
(Еурека, 1992);
(Македонски народни приказни, 1990).

Награди:

Специјалната Стериина награда за колективна актерска игра на ансамблот на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, а во продукција на Македонскиот Народен Театар – 2025 година;
Награда за актерка за 2019 година на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“;
Награда за актерско мајсторство на кукла во претставата „Петар Пан“ на меѓународен куклен фестивал, Подгорица, 2017 г.;
Награда за актерка на 2015 г. на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“;
Колективна награда за актерско остварување во претставата „Бескрајни соништа“ на меѓународниот куклен фестивал „Златна искра“, Крагуевац 2014 г.;
Награда за актер во улогата на Тетка Ема и Злобната вештерка во претставата „Волшебникот од Оз“ и награда за најдобра претстава на меѓународниот куклен фестивал за деца Суботица, 2013 г.;
Колективна награда за актерско остварување во претставата „Волшебникот од Оз“ на меѓународниот куклен фестивал за деца Суботица, 2012 г.;
Гран при за претставата „Девојчето со ќибритчиња“ на фестивалот на театри за деца Котор, Црна Гора, 2008 г.;
Колективна награда за актерско остварување во претставата „Телефонот“ на фестивалот на театри за деца Котор, Црна Гора, 2008 г.;
Клективна награда за актерско остварување во претставата „Попот и неговиот селски слуга Будал“ на фестивалот на театри за деца Котор, Црна Гора, 2007 г.;
Награда за актер за остварена улога во претставата „Македонска приказна“ и за најдобра претстава на меѓународниот фестивал на театри за деца Бања Лука, Република Српска, 2002 г.;
Награда за актер во улогата на Бојанка во претставата „Чук чук Стојанче“ на меѓународниот фестивал на театри за деца Бања Лука, Република Српска, 2002 г.;
Колективна награда за актерско остварување во претставата „Македонска приказна“ на меѓународниот куклен фестивал за деца, Суботица 2000 г.;
Награда за најдобро актерско остварување за улогата на Скакулка во претставата „Убавицата и ѕверот“ на меѓународниот куклен фестивал за деца, Суботица 2000 г.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот