Фото: Дневник.хр / Фејсбук

Тага и гнев во Хрватска: Една од жените кои ги сместија во ист болнички кревет, починала истиот ден

Вознемирувачката приказна од болницата во хрватскиот град Сисак, каде пред неколку дена две постари жени беа сместени на еден болнички кревет, доби тажно продолжение – извор од болницата денеска за „Дневник.хр“ изјави дека една од двете жени починалa во болница истиот ден кога е направена фотографијата, на 14 април.

Сликата од двете старици кои лежат на креветот во ходникот на болницата во Сисак предизвика гнев во хрватската јавност и отвори прашања околу здравствениот систем во земјата-членка на Европската унија. Директорот се обиде да се оправда, изјавувајќи дека жените биле сместени во ист кревет, но само кусо време. Тој тогаш го премолчи фактот дека едната од двете жени починала. Д-р Томислав Дујменовиќ за ниту еден од низата медиуми со кои разговараше на денот кога сликата стигна до медиумите, не откри дека една од пациентките починала.

„Иако ситуацијата беше грда, тој ден беа лекувани сите тешко болни пациенти и им беа спасени животите. Иако тоа беше непријатност за тие пациентки, тоа беше неизбежна ситуација во тој момент. На овој начин спасивме многу полошо сценарио, така спасивме животи на луѓе“, изјави директорот на ОБ Сисак, Томислав Дујменовиќ за „Дневникот на ТВ Нова“ на 19 април.

Директорот Дујменовиќ и покрај смртта на жената, со денови подоцна изјавуваше дека и таа и другата жена се добро. Тој исто така тврдеше дека во моментот кога е направена фотографијата, сите кревети на одделението биле зафатени.

„Апсолутно сите кревети беа зафатени и сите беа сериозни случаи. Можевме да ставиме друга жена или на тој кревет, до друг пациент, или на подот или на стол, мислам дека помалку несреќно решение беше да ја ставите до друга пациентка да легне наместо да ја оставите да падне од столот или да лежи на подот. Ништо не се случи со жената, ја лекувавме. Да ја седневме на стол може ќе паднеше. Но, добро, некој од вработените ја фотографираше таа сцена и ја испрати“, рече тој.

Наспроти ова, според извори блиски до здружението „Итна во живо 194“, другата пациентка од креветот, која останала жива, била чувана на Оделението за итен прием уште цела недела, иако во болницата во тоа време имало 25 слободни кревети.

Од Министерството за здравство на Хрватска велат само дека увидот во болницата сѐ уште трае.

ФОТО: Две постари жени во болницата во Сисак во ист кревет, директорот вели дека пациенките лежеле заедно, но само кратко

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот