Тачи по средбата со Лајчак: ЕУ да стави на маса договор за меѓусебно признавање на Косово и Србија

Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека на денешната средба со специјалниот пратеник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак станало збор за можноста за постигнување на конечен договор меѓу Косово и Србија, што би подразбирал и меѓусебно признавање на двете држави.

Во неговото обраќање пред медиумите по средбата со Лајчак, Тачи го повика Брисел „да го изнесе на маса договорот за меѓусебно признавање на Косово и Србија“ и „да не продолжува со техничкиот дијалог”.

– Имавме коректна и конструктивна средба, отворен и пријателски разговор во правец на изнаоѓање можности за постигнување на конечен договор меѓу Косово и Србија, што би подразбирал меѓусебно признавање како две независни држави и со можност Косово да се зачлени во ООН. Јас цврсто верувам дека иднината на Косово е членството во НАТО и во ЕУ. Исто така цврсто верувам дека е дојдено време ЕУ да го изнесе на маса договорот за меѓусебно признавање и да не продолжува со техничкиот дијалог, изјави Тачи.

Според косовскиот претседател, „меѓусебното признавање е единствената можност која гарантира стабилност во регионот и добрососедски односи меѓу државите”.

Лајчак престојува во дводневна официјална посета на Приштина, каде што вчера се сретна со премиерот Авдула Хоти и со претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи. По приемот кај Тачи, за денеска се предвиени средби со лидерите на најголемите политички партии од власта и опозицијата.

Според најавите од Брисел, по завршувањето на посетата на Приштина, Лајчак ќе отпатува во официјална посета на Белград.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот