„Свиркачите“ што го открија масовното прислушување ја добија наградата „Мето Јовановски“

Фото: МИА

„Свиркачите“ Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски денеска ја примија награда „Мето Јовановски“, за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.

-Пред точно 11 години ние решивме да го сториме тоа што сметавме дека е единствено исправно во дадените околности. Бевме сосема свесни за ризиците, а за награди и признанија ниту помисливме, ниту ни беа битни. Но, денес сме горди што токму ние сме добитници на највисокото признание за остварување во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Горди бидејќи сѐ што лично поминавме не беше залудно и затоа што со нашите активности помогнавме да се случат повеќе позитивни општествени промени. Сигурни сме дека во нашата татковина никогаш повеќе нема да се повтори масовно прекршување на правата на илјадници граѓани, рече Лазаревски.

На доделувањето на наградата присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за култура Ирена Стефоска, пратеници, професории.

Лазаревски и Костовски, своевремено вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, ги извадија снимените разговори, ткн. „бомби“ и му ги предадоа на ексдиректорот на УБК Зоран Верушевски.

Костовски се спогоди со Обвинителството и призна дека е виновен, по што беше осуден на три години затвор. Лазаревски не призна вина и поради тоа остана 11 месеци во притвор. Костовски беше пуштен од затвор во април 2016 година, по аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Во 2018 година Лазаревски и Костовски ја добија наградата за слобода на говор за извонредна храброст и хероизам во алармирањето на граѓаните на Македонија за широкото распространето кршење на човековите права која ја доделува Коалицијата за заштита на укажувачи на ЈИЕ и од Европскиот центар за права на укажувачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот