Суша - Фото: pexels-jplenio

Светската метеоролошка организација предупреди – Ел Нињо ќе се појави во мај

Враќањето на климатскиот феномен Ел Нињо се очекува уште во мај оваа година, што потенцијално може да влијае на глобалните температури и моделите на врнежи, објави Светската метеоролошка организација (СМО).

Според податоците на СМО, Ел Нињо е периодично затоплување на температурите на површината на морето во централниот и источниот Тихи Океан што обично трае помеѓу девет и дванаесет месеци, пренесува „Ројтерс“.

Јасна промена е забележана во екваторијалниот Пацифик со ненадејно зголемување на температурата на површината на морето, што укажува на голема веројатност за Ел Нињо помеѓу мај и јули оваа година.

– По период на неутрални услови на почетокот на годината, климатските модели сега се силно усогласени и може да се види почетокот на Ел Нињо, проследен со понатамошно зајакнување во текот на наредните месеци – изјавил Вилфран Муфума Окија, раководител на одделот за климатска прогноза во СМО.

Иако моделите укажуваат на потенцијално силен Ел Нињо оваа година, СМО додава дека прогнозите направени во текот на пролетта обично се помалку веродостојни и дека поголема сигурност во предвидувањата ќе биде можна по април.

Познато е дека овој модел ги нарушува регионалните клими, потенцијално доведувајќи до зголемени врнежи од дожд во јужна Јужна Америка, јужен САД, делови од Африканскиот Рог и централна Азија, а истовремено предизвикува и суши во Австралија, Индонезија и делови од јужна Азија, според СМО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот